Закажана јавна расправа за Нацрт на Законот за прогласување на Студенчишко Блато за парк за природата

Министерството за животна средина и просторно планирање започна постапка за донесување на Нацрт на Законот за прогласување на Студенчишко Блато за парк за природата. Јавната расправа за Нацртот е закажана за 23 февруари, со почеток во 12 часот во Големата сала во општинската зграда во Охрид.

Додека трае постапката за прогласување на локалитетот Студенчишко Блато за заштитено подрачје во категоријата парк на природата, министерството донесе Решение за негова привремена заштита во јули минатата година.

Привремената заштита на подрачјето ќе се применува до денот на влегувањето во сила на Законот со кој ќе се прогласи Студенчишко Блато за заштитено подрачје, а кој е во завршна фаза на изработка, информираат од министерството. Во меѓувреме, Студенчишко Блато е прогласено за водно живалиште од меѓународна важност според Рамсарската Конвенција.

Од министерството појаснуваат дека додека трае привремената заштита на подрачјето нема да се спроведуваат активности од постоечкиот ГУП на градот Охрид во делот на Урбана Заедница – УЗ 17, Урбан блок – У.Б 17.1, како и изработка и донесување на урбанистички планови и урбанистички проекти, урбанистички проекти за партерно уредување на просторот, спроведување на постапкa за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти, но и спроведување на постапка за трајна пренамена на земјоделско во градежно земјиште.

Покрај ова, според Решението за привремена заштита, во подрачјето не смее да има одлагање на шут и комунален отпад, употреба на хемиски заштитни средства и минерални ѓубрива за земјоделски активности, доделување на нови или продолжување на постоечките концесии согласно прописите за концесии и јавно приватно партнерство, прописите заградежно земјиште, како и прописите од областа на лов и риболов и проширување или изградба на нови патишта.