Загрепските скејтери сами си изградија скејт-парк, откако властите ги игнорираа со години

Во време на сè посилен развој на урбаната култура, во Европа тешко може да се најде поголем град без скејт-парк. Исклучок е Загреб, во кој, како што велат скејтерите, нивниот спорт (кој од 2020 година влегува во програмата на Олимписките игри) е речиси илегален.

„Веќе десет години преговараме со Градот да ни отстапат барем простор за изградба на скејт-парк. Не бараме да го уредат и не бараме пари од буџетот. Сакаме само да ни дадат простор и ќе го уредиме сами“, вели Марин Дундиќ од скејтбординг клубот „Шпаолин“, чии членови во последните година дена самите го уредија скејт-паркот во загрепската населба Врапче – премал, но засега доволен.

Загрепските скејтери сами си изградија скејт-парк, откако властите ги игнорираа со години„Во Загреб има околу 1000 скејтери и никој од нив нема каде да вежба. Неверојатно е тоа што Градот воопшто нема слух за младите спортисти“, вели Дундиќ, кој додава дека во Хрватска, скејт-паркови има во Риека (најскапиот во земјата), во Сплит има дури два, а по еден има и во Осиек и во Вараждин. Во главниот град нема ниеден, иако градоначалникот Милан Бандиќ уште во 2013 година најавуваше изградба на најдобриот скејт-парк во Европа. И тогаш, загрепските скејтери останаа разочарани, па одлучија работите да ги земат во свои раце.

Во запуштено и зараснато земјиште на крајот на улицата „Илица“, прекреиено со ѓубре, скејтерите вложиле неколку илјади евра, иако знаат дека постои голема можност паркот да биде срушен, затоа што е изграден без дозвола.

„Би биле најсреќни кога не би морале да градите нелегални паркови, но немаме друга опција“, велат скејтерите, кои не знаат на чие земјиште го изградиле својот парк. Велат дека станува збор за простор кој е запуштен повеќе од 15 години, а тие го оживеале – самите донеле мешалки, агрегати, ставиле бетон и го бојадисале.

Загрепските скејтери сами си изградија скејт-парк, откако властите ги игнорираа со години„Во уредувањето помогнаа и колегите од странство, кои не можат да веруваат дека една метропола нема скејт-парк“, вели Иван Андриќ, кој со овој спорт се занимава од својата 11-та година, а во Врапче редовно доаѓа од блискиот град Самобор.

Скејтерите од целиот град сега доаѓаат да вежбаат на новиот скејт-парк, а освен што се грижат дека ќе останат и без него, проблем им е и зимата што доаѓа.

„Паркот треба да има и затворен дел, затоа што во спротивно цела зима не можеме да вежбаме. Во тој период се откажуваат најмногу луѓе“, вели Дундиќ, кој напоменува дека надлежните веројатно ќе ја сфатат сериозноста на ситуацијата кога нема да имаат кого да пратат на Олимпијадата во 2020 година.

„Во овие услови, ние сме надвор од секоја конкуренција. Ако не пуштат на Олимпијада, ќе бидеме како тимот на Јамајка во боб“, додава Дундиќ.