Загрепски студенти револтирани – добиле вчерашен оброк во студентската менза

Неколку студенти во Загреб се пожалија на квалитетот на оброците кои ги купиле во мензата на Студентскиот центар во Сава.

„Со супа од печурки, сок и салата од компири, зедовме оброк што се нарекува пржено свинско месо. Тоа беше ладно, суво и жилаво и едноставно не можеше да се исече“, опишале студенти по новинарство и право, кои забележале дека со послужениот стек се „бореле“ уште неколку посетители на студентскиот ресторан.

Тие веднаш отишле на касата и побарале да разговараат со готвачот кој, како што тврдат тие, со насмевка им кажал дека се работи за подгреан оброк од претходниот ден.

„Тој ни кажа дека месото е од вчерашната вечера. Наводно, им останале пет стека и повторно ги послужиле денеска, односно ги подгреале. Во знак на извинување, ни понуди колачи“, објаснуваат студентите кои се згрозени и не им е јасно како може мрежа од студентски ресторани да си дозволи вакво нешто.

Од страв за своето, но и за здравјето на своите колеги, за случајот го известиле Министерството за здравство и службите на санитарната инспекција во Загреб.

Од Министерството за здравство соопштија дека нивната инспекција ќе излезе на терен и ќе ја провери безбедноста на оброците во мензата на Студентскиот центар. Тие додаваат дека квалитетот на месото и генералниот увид во храната се надлежности на Министерството за земјоделство.

Заменик-директорот за исхрана во Студентскиот центар, Мирко Бошњак, поради анонимна претставка од учениците, започна надзор на квалитетот и температурата на оброците во мензата. Тој ги повика студентите кои поднеле жалба, да се обратат кај него со цел да се вклучат во контролата на храната.