„Загор“, „Дилан Дог“ и други стрипови на македонски јазик

Во издание на новоотворената издавачка куќа „М-КОМИКС“ започна да се дистрибуира новото стрип издание „Загор“ на македонски јазик, а во текот на овој месец ќе започне да се издава и стрип серијата за „Дилан Дог“.

„Загор“, „Дилан Дог“ и други стрипови на македонски јазик

Ване Трајков од Стрип Центарот на Македонија со седиште во Велес изјави дека покрај овие бестселери од италијанската издавачка куќа „Бонели“, од следниот месец, за првпат на македонски јазик, ќе се издаде и вестерн/хорор приказната „Магичен Ветер“.

Трајков најавува дека предвиденото темпо на излегување е изданијата со „Загор“ да бидат во месечно издание, а изданијата „Дилан Дог “ и „Магичен Ветер“ да се двомесечни, објави МИА.

Според издавачката куќа„ М-Комикс“ се очекува да продолжи издавањето на едно стрип издание на секои 15 дена.

Трајков потенцира дека освен што на предната пластифицирана корица стои исклучиво оригиналното лого (авторско право на „БОНЕЛИ“ ), желба на „ М-Комикс“ е да се задржи употребата на македонскиот јазик и кирилицата, што освен во текстот на стриповите, се запазува и преку неофицијалните кириличните логоа.

Трајков вели дека овие изданија на македонски јазик ќе ја збогатат македонската стрип сцена.

– Со тоа воедно ќе го задржат вниманието на сите стари и нови читатели. Воедно тие се своевиден поттик за издавање на други светски стрип серии и изданија на македонски јазик, како и идни проекти од страна на домашни автори, потенцира Трајков.

Изданијата може да се купат во стрип книжарницата „Бункер“ во Скопје, како и во киосците низ градовите во државата.