Загина еден од нуркачите што помагаат во спасувањето на момчињата заробени во пештера

Поранешен тајландски маринец загина за време на спасувачката акција на 12 момчиња и нивниот фудбалски тренер заробени во поплавена пештера.

Поранешниот нуркач Саман Кунан загинал додека поставувал боци со кислород на потенцијалниот пат за бегство на момчињата. Спасувачкиот тим е во трка со времето да ги ослободи момчињата пред да пристигне нова бура.

Саман загинал во текот на ноќта, откако се онесвестил поради недостиг од кислород, соопшти неговиот командант.

Спасувачката акција е во трка со времето, бидејќи нивоата на кислород во пештерата се ниски, а голем број луѓе се вклучени во мисијата. Четири дена откако беа најдени живи, момчињата сè уште се соочуваат со многу пречки пред да можат да бидат изведени на сигурно.

Момчињата, на возраст од 11 до 16 години, беа заробени скоро 13 дена откако отишле да ги истражуваат пештерите по фудбалски натпревар на 23 јуни. Тие беа откриени од двајца британски доброволци, но властите сè уште се обидуваат да го утврдат најбезбедниот начин да ги извлечат од мрежата од поплавени пештери.

„Нема да дозволиме неговиот живот да биде залудно загубен, ќе продолжиме“, вели командантот.

Седум маринци, вклучувајќи и две медицински лица, се грижат за групата, а други повремено пристигнуваат за да ги донесат потребните набавки.