Загадувањето во Тетово е намалено за 60% по затворањето на „Југохром“

Според мерењата на Министерството за животна средина и просторно планирање, 60 отсто од загадувањето на воздухот во Тетово било резултат на работењето на комбинатот „Југохром“ чие производство е запрено во ноември 2016 година поради недостиг на соодветна филтер-станица, пишува новинската агенција МЕТА.

Во 2015 година, просечната среднодневна концентрација на ПМ10 честичките во Тетово била 298 микрограми на еден кубен метар. Забележителен е пад од повеќе од 60 отсто на концентрацијата на овие канцерогени честички во 2017 година кога комбинатот воопшто не работеше.

Аријанит Џафери, од еколошката организација „Еко-Герила“ вели дека ниту тие, ниту граѓаните на Тетово, нема да дозволат повторна активација на „Југохром“ без вградување на потребните филтри.

Според Законот за Заштита на животната средина, бидејќи спаѓа во редот на големите еколошки загадувачи, „Југохром“, мора да поседува „А“ еколошка дозвола за работење што значи поставување на соодветни филтри и друга опрема за прочистување на воздухот од отпадните материи.

„Југохром“ целосно го запре производствениот процес на 2 ноември 2016 година, со што околу 800 вработени останаа без работа. Раководството на Комбинатот одлучи да ја спроведе одлуката на Инспекторатот за животна средина за затворање на фабриката поради непочитување на крајниот рок за изградба на филтер-станица, кој истече на 30 октомври 2016 година.

Вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев во јули годинава рече дека ставот на Владата е јасен – „Југохром“ не може да проработи ако не ги задоволи еколошките стандарди. Тој тогаш додаде дека „Југохром“ веќе ги поставува филтрите и целиот процес треба да заврши до октомври-ноември годинава.

Компанијата, согласно финансискиот план, мора да обезбеди уште еден милион евра, а ако тоа го стори Владата ќе и помогне со кредит од дополнителни 1,5 милиони евра од Македонската банка за поддршка на развојот, со што ќе може да се заокружи процесот во целост.