Премиерот на Владата Зоран Заев, на денешната собраниска седница, објави дека веќе започнале мерките за штедење.
Како што истакна Заев, прекинати се кампањите за промоција на државата како туристичка, но и бизнис дестинација, кои се емитуваа на британската телевизија BBC и американскиот канал CNN.
„Заштедите во државната каса веќе започнаа. Веќе се заштедени 10 милиони евра, ги прекинавме кампањите на CNN и BBC, ги прекинавме договорите со странските квази-советници“, рече Заев на седницата.
Сепак, тој потенцираше дека голем трошок за државната каса се службениците кои веќе подолго време не се појавуваат на работа.
„Но, што да правиме со луѓето кои по десетина-дваесет дена не се појавиле на работа? Законот вели дека по три дена ненајавено отсуство престанува работниот однос. Уште еднаш апелирам до луѓето да си доаѓаат на работа“, заклучи премиерот.