Заев: Размислуваме за легализација на марихуаната во туристичките центри

Премиерот Зоран Заев во интервју за Дојче веле изјавил дека во Владата размислуваат за легализација на марихуаната со цел да се стимулира туризмот и домашната економија.

Според него, идејата е марихуаната да се употребува во угостителските објекти, контролирано, под одредени критериуми, и дека тоа би било овозможено во главните туристички центри низ Северна Македонија, како Скопје, Охрид, но и Струга, Маврово, Дојран и други дестинации за туризам.

„Целта е токму тоа. Да биде контролирано како во Амстердам и многу други градови во светот. Идејата е да се даде можност во туристичките места, вклучително и Скопје, кафулињата, постојни и нови, со почитување одредени стандарди – вентилација, доказ за потекло на марихуаната и слично, да се овозможи консумација на марихуана внатре во нив“, рекол Заев за Дојче Веле.

Иако Заев ветува широка дебата на оваа тема, тој сепак предупредува дека доколку мнозинството рече „не чепкајте таму“, тие ќе се откажат од ваквата идеја.

Покрај оваа иницијатива, вчера Министерот за правда Бојан Маричиќ изјави дека е добро што била отворена јавната дебата за декриминализација на марихуаната, во која покрај експертите ќе се вклучат и граѓанските здруженија.

„Квалитетното регулирање на ова прашање, може да донесе повеќе поволности за државата и тоа во однос на регулирање на трговијата со марихуана, намалување на криминалитетот и секако економски придобивки, пред сè во туризмот и угостителството“, напиша на Фејсбук Маричиќ.

На ваквите најави реагираа од Здружението „Билка“. Она во што се сомневавме и на кое се противиме, велат тие, полека се остварува.

„Планов ни е од лани познат само нашите информации велеа Скопје, Струмица и Охрид. Начелно нема ништо лошо да се легализира и продава во локали, но моделот е многу важен. И легализацијата на канабис во медицински цели е добра идеа па видовме како тоа заврши, со воведување екстремно високи услови со цел ограничување на пристапот“, реагира „Билка“.

Тие се загрижени, како што велат, дека ќе ја гледааат истата приказна. Воедно за „Билка“ круцијално прашање е дали граѓаните ќе може да садат дома?

„Внимателно прочитајте ја реченицата ‘потеклото на канабисот’, ова нам ни укажува дека нема да се дозволи садење дома туку легално ќе може да си купиме само од НИВ, во спротивно пак ќе бидеме апсени и третирани како криминалци. Нека им служи на чест на владините невладини кои учествуваат во вакви бљувотини. ОТПОР!“, реагираат од „Билка“.