Заев повикува на трпение и одговорност кон државата

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, преку својот Фејсбук профил упати реакција за прогласот на Никола Груевски, кој рече дека ВМРО-ДПМНЕ нема да учествува во прегласување или преговори со странци.

Неговата реакција ја пренесуваме во целост:

„Почитувани граѓани,

Да не дозволиме никакви провокации од никого вклучително и од оној што 10 години ја упропастуваше Македонија.
Неговото време заврши.
Институциите мора да си ја завршат својата работа согласно Уставот и законот. Од одлуките на ДИК и Управниот суд не зависи кој ќе формира Влада но тие се важни заради вистината и фактите. Граѓаните со огромно мнозинство гласови, повеќе од 600.000 гласаа за промени. Промените ќе се случат и тие незапирливо доаѓаат без разлика што на врхушката на ВМРО ДПМНЕ и е тешко тоа да го прифати. Промените се здрави за секоја држава така и за Македонија.
Повикувам на достоинствено и трезвено однесување.
Повикувам на трпение и воздржаност.
Повикувам на одговорност кон државата и граѓаните.
Доаѓа слобода за сите граѓани, за сите кои гласаа за промени и за сите кои беа уценети и притиснати од Груевски.
Македонија ќе оди напред. Ќе има живот за сите“.