Заев: Немам намера да поднесам оставка, од овој процес ќе излеземе посилни

Владата и нејзиниот протокол немаат намера да поднесат одговорност за телефонските разговори со руските комичари кои лажно се претставувале како генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг и поранешниот украински претседател Петро Порошенко.

„Немам намера да поднесам оставка, од овој процес ќе излеземе посилни“ – oва на вонредна прес-конференција го изјави премиерот Зоран Заев.

Според него, ова не е прашање за кое треба да се поднесе оставка, туку да се извлече поука. Најави дека Владата набрзо ќе излезе со план за акција против ширење на дезинформации и зајакнување на протоколите за безбедна комуникација.

Трите разговори траат вкупно нешто помалку од еден час, а во нив комичарите разговараат со Заев на разни теми, од меѓународните односи, Договорот од Преспа, безбедносната ситуација на Балканот, руското влијание во регионот и признавањето на Македонската православна црква.

Според премиерот, не станува збор за откривање на државни тајни, туку за повторување на јавно искажани ставови. Во делот од разговорот каде се споменува МПЦ, пак, вели дека е извршена сериозна интервенција и дека контекстот не е автентичен. Имено, во снимката достапна за јавноста, се слуша како премиерот нуди мито од 100 000 евра во замена на признавање на МПЦ.

Сепак, жали што споделил телефонски броеви на странски службени лица. Вели дека најчесто практикува директна комуникација преку Ватсап апликацијата.

„Прифаќам дека сум жртва на мојата отвореност и достапност за сите“, рече Заев.

Случајот со комичарите го нарече „медиумска дискредитација на личности и земји со евроатлантски аспирации“.

„Листата покажува дека сум во добро друштво“, рече премиерот додавајќи дека не е единствен на ваквите измами.

„Ова е нов аларм за нас и целиот демократски свет кој налага потреба од сеопфатна организирана борба против лажни вести“, додаде тој.

Премиерот Заев вели дека не се слушнал со Столтенберг и Порошенко по скандалот, но не очекува ниту реперкусии.

„И да има реперкусии, ние немаме проблем да се извиниме за грешката“, нагласи тој.

„Верувам дека ќе излеземе помудри и повеќе подготвени за да не се повтори“, додаде тој.

Според видеото кое комичарите го објавија на својот Јутјуб профил, првиот разговор бил воден во август 2018, вториот во јануари 2019 и третиот на 20 април оваа година.

Вован и Лексус се препознатливи дека и претходно успевале да излажат политичари од други земји и славни личности. Меѓу жртвите на нивните лажни телефонски разговори се нашле и турскиот и францускиот претседател Реџеп Таип Ердоган и Емануел Макрон, но и музичарот Елтон Џон.