„Заедно посилни“ утре организира протест пред Собрание против кратењето на буџетот за ХИВ

Здружението „Заедно посилни“ утре од 11 часот организира протест пред Собранието на Република Македонија, каде ќе побараат зголемување на буџетот за ХИВ.

Од „Заедно посилни“ велат дека во 2017 година, по 13 годишно финансирање се повлекува Глобалниот фонд за ХИВ/СИДА, туберкулоза и маларија. Владата на РМ со меѓународни договори е обврзана да ги преземе сите обврски во однос на превенцијата на ХИВ. Но, потенцираат од таму, наместо договореното зголемување, буџетот за 2017 година се намали како никогаш досега – од потребните 65 милиони денари, планирани се само 27 (59% помалку од неопходното).

„Со буџетот од 2017 година 15.000 припадници на групи под најголем ризик од ХИВ и нивните семејства ќе останат без бесплатните средства за превенција и брзи тестови за рано откривање на ХИВ! Преку теренските и стационарните сервиси на граѓанскиот сектор на годишно ниво се нудат повеќе од 200.000 услуги за ХИВ превенција, вклучително и редовни скрининг тестови за ХИВ, кои повеќе ќе ги нема!“, стои во повикот за протестот.

Доколку престане финансирањето на превентивните програми за клучните групи под најголем ризик, велат од Здружението, се очекува до 2030 година стапка на ХИВ да се зголеми за 9%, бројот на нови инфекции да порасне за 19%, додека бројот на смртни случаи за 5%, во споредба со сегашниот буџет за ХИВ превенција.

„Ако не се смени предвидениот буџет, црните проекции ќе станат реалност! Доколку се обезбеди и оптимизира вкупниот буџет за ХИВ на нивото од последните неколку години (каде значајно учествуваше Глобалниот фонд) бројот на нови инфекции и смртни случаи до 2030 година ќе биде помал за дури 85%. Да не дозволиме да бидеме под ризик!“, повикуваат од „Заедно посилни“.

Инаку, „Заедно посилни“ е здружение за поддршка на луѓето што живеат со ХИВ во Македонија. Постои од 2009 година како група за поддршка и автономно тело во рамките на Здружението ХЕРА, а од декември 2013 е регистрирано како самостоен правен субјект. Во здружението членуваат лица со ХИВ и помал број нивни блиски поддржувачи, од најразлична возраст и пол, социјална позадина, Македонци, Албанци, Роми…