Заедничка изложба на фото-приказни од Македонија и Грција

Група млади лица од Македонија и Грција изработија фото-приказни со кои ќе се претстават на заедничката изложба која ќе се одржи во вторник (30 октомври) во Јавна соба, со почеток во 18 часот.

Организатор на изложбата е невладината организација „Beyond the dispute“, од каде потенцираат дека ова е независен проект кој не е поврзан со активности на ниту една политичка партија или движење.

Изложбата има за цел да ја прикаже соработката, но и да ги потенцира сличностите и заедничките вредности кои младите од двете држави ги споделуваат, наспроти спорот кој преку 25 години доминира во релациите помеѓу овие соседни земји.

На неа ќе бидат прикажани фото-приказни кои раскажуваат за пријателството, соседството, љубовта, заедништовото, хуманоста, соработката и многу други вредности кои не познаваат граници и не се определени по нации и етничка припадност.