Забрчанец: Од неорганизирани млади до понизни граѓани

Официјалните претставници на студентите се безгласни, а средношколците речиси и да не се организирани. Нивната неорганизираност се рефлектира и понатаму во животот, па ако тие во образовниот процес биле со наведната глава, и понатаму во животот ќе бидат граѓани со наведната глава, вели Марјан Забрчанец, извршен директор на Младинскиот образовен форум во неделното интервју на Радио Слободна Европa.

„Проблемот со студентското организрање во Македонија е јасен, таканаречените студентски парламенти држат монопол врз студентското организирање. Иако Законот за високо образование гарантира учество на други форми на студентско организирање во претставување на студентите, статутите на универзитетите не го дозволуваат тоа. Она што е потребно да се направи е да се охрабрат неколку студентски организации, а ги има многу, ги има стотина во Македонија, и да побараат од универзитетите да го почитуваат Законот за високо образование со којшто освен на студентските парламенти им се овозможува и на другите форми на студентско организирање, значи на другите студентски организации, да ги претставуваат студентите пред органите на универзитетите“, смета Забрчанец и додава дека  парламентите се гласни само тогаш кога треба да ја поддржат власта или да поддржат одреден проект на некое министерство или на некоја институција.

„Ако некој проект е навистина во корист на студентите треба да биде поздравен, пофален и поддржан, меѓутоа во исто време сите други лоши потези или сите други молчаливи приоди на институциите кон студентските проблеми треба да бидат гласно изговорени, ако сакате критикувани, и за нив да се бараат решенија“, вели тој.

Според него, другите организации само делумно се обидуваат да си го заземат местото што им е загарантирано.

„Постојат неколку студентски организации коишто се гласни на оваа тема, меѓутоа сè уште се нема случено здружување на студентските организации, односно омасовување на тоа алтернативно студентско здружување со цел да се побара од универзитетите или од универзитетските управи да овозможат плурализам во студентското организирање. Студентското организирање во Македонија е последниот нереформиран систем на организирање, односно последното јадро каде што не е влезен плурализмот“, забележува Забрчанец.

Друг проблем,  за извршниот директор на МОФ е и непостоењето на средношколското организирање.

„Ако кај студентите имаме монополизирано студентско организирање, кај средношколците не постојат средношколски унии. Ние порано бевме сведоци на две национални средношколски унии, едната се викаше Унија на средношколци на Македонија, другата Средношколска унија на Македонија, едната под контрола на левиот партиски блок, другата под контрола на десниот партиски блок и тоа не беше добро бидејќи беа партиски контролирани, но барем постоеја, барем се појавуваа од време на време со некаков став, бранејќи ги правата на средношколците. Денес ни едната ни другата не постојат, пасивизирано е до нула средношколското организирање. Она што МОФ сега го прави е да формира демократски средношколски заедници во неколку училишта во Македонија. Целта е да допреме до што е можно повеќе средношколци и до што е можно повеќе средни училишта во Македонија, за да може еден ден да се основа таква демократска, плуралистичка, национална средношколска унија. Она што е пострашно е што во ниедно средно училиште во Македонија, во ниеден орган на ниедно средно училиште во Македонија не седи средношколец. Средношколците немаат ни право на мислење, ни право на глас. Единствено се консултирани, не одлучуваат, туку се само консултирани кога училиштата носат одлука каде ќе се оди на екскурзија или кое фото студио ќе ги фотографира за матурската средба или за таблото. Тоа е таканаречен декор во учеството на средношколците во носењето одлуки. Она што е неопходно е да бидат консултирани за сите процеси“, вели тој.

Од вакви неостварени акции, заклучува Забрчанец, средношколците се разочарани од неуспехот и едноставно поминуваат низ образовниот систем без да се потрудат повеќе да добијат внимание или остварување на нивните права. Сето тоа, според него, води до понизност на младите.

„ Ако вие во средно образование и на факултет сте биле со наведната глава пред шалтерот на студентски прашања, сигурно утре како возрасен граѓанин ќе бидете со наведната глава пред шалтерот на некоја институција“.

Целиот интервју може да го погледнете на : Радио Слободна Европa