Забрани за автомобили во три француски градови поради жештините и загадувањето

Три француски градови Париз, Стразбур и Лион, забранија управување автомобили што најмногу го загадуваат воздухот, а таа мерка е воведена поради пораст на нивото на загадување по бранот жештини што ја погоди Европа, јавуваат светските агенции.

Во Париз и Стразбур забраната се однесува на возила стари 12 години и повеќе, а во Лион дозволено е управување еколошки автомобили со налепница „чист воздух“. Властите предупредија дека денеска нивото на загадување може да кулминира поради високите температури и да предизвика надразнетост на очите, болка во грлото и проблеми со дишењето.

Поради високите температури, во Франција привремено се затворени четири нуклеарни реактори. Бранот жештини во земјата ќе трае до четврток, а за утре се најавени максимални температури.