Забраната за пристап до „Јутјуб“ во Турција останува во сила

Советот за информатички технологии и информации на Турција објави дека забраната за пристап до „Јутјуб“ ќе остане во сила, поради тоа што спорните снимки се уште не се повлечени од сајтот.

Забраната за пристап до „Јутјуб“ во Турција останува во сила

Основен суд во Анкара вчера донесе одлука за укинување на блокирањето на пристапот до сајтот за размена на видео содржини „Јутјуб“, врз основа на тужбата поднесена од адвокатот на компанијата во Турција, Гененч Ѓуркајнак.

Претходно на 4 април, друг Суд во Анкара го разгледа претходно воведеното целосно блокирање на пристапот до „Јутјуб“, но го остави во сила ограничувањето за определени видео содржини.

Во вчерашната одлука на анкарскиот Суд се посочува дека целосното блокирање на пристапот претставува кршење на слободата на говорот, загарантирана со член 26 од Уставот на Турција, пренесе МИА.

Пристапот до „Јутјуб“ беше блокиран по објавувањето на пиратски снимки од тајна седница на турското раководство посветена на националната безбедност, на која била разгледувана евентуалната воена операција во Сирија.