Забраната за движење во шума не важи за Водно, Гази Баба и за туристичките тури

Забраната за движење во шума, во периодот од 7 до 17 часот до 15 август годинава, не важи за Водно, парк-шумата Гази Баба и организираните туристички тури, соопшти Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Организираните тури, појаснуваат од Министерството, ќе бидат одобрени со дозвола од управата на ЈП „Македонски шуми“ и од управите на субјектите кои управуваат со заштитените подрачја, а ќе се спроведуваат во придружба на претстaвник од овие институции.

Забраната за движење во шумите и шумските појаси е воведена со цел заштита на шумите од пожари. Таа не важи за вработените во „Македонски шуми“ и во субјектите кои управуваат со заштитените подрачја. Од 17 часот, до 7 часот наутро дозволено е движење на сите лица во шумските појаси.  За непочитување на одредбите од ова забрана, е предвидена казна од 1.500 до 2.000 евра.