Забраната на Википедија е кршење на слободата на изразување, пресуди Уставниот суд во Турција

Уставниот суд на Турција оцени дека одлуката на турската влада за двогодишната забрана на интернет енциклопедијата Википедија претставува кршење на слободата на изразување, пренесува Н1.

Турција во април 2017 година ја блокираше Википедија, со образложение дека е дел од „клеветничка кампања“, поради тоа што сајтот одбил да повлече текст во кој наводно се тврди дека Анкара ја поддржува Исламската држава и други терористички организации.

Пристапот на Википедија е блокиран на основа на закон за забрана на сајтови, кои владата проценува дека претставуваат закана за националната безбедност.

Википедија одбила да го повлече текстот, наведувајќи дека се противи на цензура, и во мај 2017 година поднесе жалба до Уставниот суд. Во корист на Википедија гласале десет судии, додека шест биле против, јавува „АП“.