Забрана за екскурзии на Пеленица поради сомневања дека има депонија со токсичен линдан

Министерството за животна средина и просторно планирање испратило допис до Министерството за образование и наука да не се организираат екскурзии на Пеленица, Драчево, местото за кое има сомневање дека се наоѓа необележана депонија со канцерогениот линдан кој потекнува од фабриката ОХИС.

МОН им наложи на општините да не се одржуваат училишни екскурзии на локацијата.

Министерството за животна средина, пак, вети дека до крајот на годината ќе го огради просторот во Драчево за кој постојат сомневања дека се наоѓа дивата депонија со 8.000 тони токсичен линдан.

Владата неодамна најави дека формира фонд за собирање средства за чистење на депониите. Пресметките се дека чистењето ќе чини меѓу 40 и 260 милиони евра.

Линданот на оваа локација потекнува од фабриката ОХИС, каде го фрлале работници пред да се направат големата и малата депонија на територијата на фабриката каде што се проценува дека има помеѓу 40-50.000 тони контаминирана почва со линдан.

Линданот од Меѓународната асоцијација за истражување на канцер е класифициран во група 1 канцерогени супстанци

Изложеноста на линдан може да се појави од консумирање на контаминирана храна или преку дишење на воздух загаден со линдан. Хроничната (долготрајна) изложеност на линдан со вдишување кај луѓето се поврзува со заболувања на црниот дроб, крвта како и нарушувања на нервниот, кардиоваскуларниот, имунолошкиот и репродуктивниот систем.

Извор: Мета