Заборавена лозинка и уште две можности за погодок – програмер може да изгуби 240 милиони долари

Стефан Томас не е првиот човек кој си ја заборавил лозинката, но овојпат заборавената лозинка може да го чини многу.

На Стефан Томас му преостануваат уште два обида за да си ја погоди лозинката и да добие богатство од 240 милиони долари.

Томас е компјутерски програмер кој живее и работи во Сан Франциско, а точно пред една деценија заработил 7,002 биткоини како хонорар за изработка на видео во кое се објаснува како функционира криптовалутата.

Пред 10 години, кога Томас го заработил својот хонорар, биткоинот имал вредност од два до шест долари. Тој својата заработка ја внел во својот дигитален паричник и ја заборавил.

Денес, биткоинот има вредност од 34.000 долари, па заработката на Томас се вреднува 240 милиони долари. Но, Томас ја заборавил лозинката.

Тој веќе осум пати пробал да ја внесе својата лозинка, но безуспешно. Преостанати се уште два обида, но ако повторно погреши, пристапот ќе биде блокиран и тој никогаш нема да ги добие средствата.

Минатата недела, вредноста на биткоинот имаше раст од 40.000 долари, што е двоен раст за помалку од еден месец.

Томас изјавил дека ги испробал неговите осум најчести лозинки за да се логира во неговиот „АјронКи“ хард-драјв, но сите биле погрешни.

„Лежам во креветот и си размислувам. Одам до компјутерот со нови стратегии, тие се безуспешни и повторно си легнувам во очај“, нагласил тој за „Њујорк Тајмс“.

Томас истакнал дека ова искуство тотално одвратило од криптовалутите.

„Целата оваа идеа, да се биде сопствена банка – ајде вака ќе се изразам, дали сами си ги произведувате чевлите? Причината поради која постојат банки е за да не се занимаваме со процесите кои банките ги извршуваат“, додал тој.

Откако случајот на Томас станал популарен на социјалните мрежи, Алекс Стамос, експерт за интернет безбедност при Обсерваторијата за интернет на „Стендфорд“, се понудил да ја хакира лозинката во рок од шест месеци, доколку Томас му даде 10 отсто од дигиталното богатство.

„Доколку имате заборавено богатство од 240 милиони долари, не се обидувате да ја погодите лозинката, туку се обраќате кај професионалци кои безбедно ќе ја хакираат. Можам да го остварам ова за 10 отсто. Побарај ме“, објавил Стамос на својот „Твитер“ профил.

Извор: Guardian