За викенд на Водно, преку неделата „дишат на шкрги“ – скопјани бараат спас од аерозагадувањето

Во обид да избегаат од загадувањето, скопјани својот спас го наоѓаат на Водно. Планината е едно од ретките места во градот каде граѓаните сè уште може да подишат за нијанса почист воздух. Оттука, со голо око и тешки воздишки, го набљудуваат црниот облак надвиснат над нивните домови.

Автобусот број 25 тргна од Транспортниот центар во Скопје. Повеќе родители со деца, но и повозрасни граѓани ja започнаа потрагатa по свеж воздух на Водно. Ако планината претходно беше рекреацијa, денес таа е спас за илјадниците граѓани кои бегаат од огромното загадување.

Детски џагор, придружен со чести искашлувања, се слушаа низ шумските патеки.

„Оболени сме на плуќа. Јас сум веќе со бронхит, но се трудиме да се снајдиме“, вели искусна планинарка додека се упатувавме кон врвот.

„Јас закачив асма, а во живот не сум имала. Владата треба да се труди да создава здрави генерации, а не да ги оболува од мали нозе“, додаде нејзината пријателка.

Мерки и да има, резултатите не се гледаат од смогот и црниот чад, се жалеа граѓаните додека си разменувавме „здраво“.

„Болно дете качувам за да подиши чист воздух“, се пожали родител, кој вели дека поради здравјето на своето дете, сè почесто ги поминувале викендите на Водно.

Тој не верува во мерките што се најавуваат. Според него, тоа е остварливо само на хартија.

„Драматично прочистување сакам да видам. Не знам како, не сум научник, но сигурно има методи“, очајно вели тој.

Со него се согласува и повозрасниот пар на кој наидовме додека се спуштаа од врвот. Брзаат да ги завршат домашните обврски. Иако живеат на повисоко, велат дека и тие веќе сè почесто го чувствуваат загадувањето.

„Само климатските услови да се сменат, да нема ветер, инаку друго ништо не го решава загадувањето“, велат тие.

„Се гледа дека има некои мерки, ама не се успешни. Треба поголеми средства и пари“, додаваат.

А кога нема ветер и дожд, мерните станици деноноќно покажуваат високи концентрации на штетните ПМ честички. Од неодамна властите започнаа амбициозна стратегија која ја нарекоа „План за чист воздух“, која првично треба да ги реши загадувачите. Но, скромната сума од 1,6 милиони евра одвоена за справување со ваков сериозен проблем наиде на одбивност од јавноста.

„Треба да се забрани греење на гуми и на дрва. Луѓе градат куќи од 200 квадрати и не може да ги загреат и горат што ќе стигнат, а околу Скопје се пали земјоделски отпад“, искоментира друг родител.

„Како се штитиме? Не отвораме прозор кога е загадено и со филтри по дома“, додаде тој.

И додека надлежните прават пресметки за тоа колку пари ќе се заштедат со мерките, од здравството доаѓаат поразителни бројки. Над два ипол илјади македонски граѓани умираат годишно поради загадувањето на воздухот. Или кажано со економски речник – загадувањето ја чини Македонија повеќе од 300 милиони евра годишно.

„Бројките се застрашувачки“, истакна професорот Драган Ѓоргев на вонредната конференција на МАНУ, посветена на проблемот со загадувањето.

Мозочен удар, рак на белите дробови и срцеви болести се најчестите здравствени последици од аерозагадувањето, вели тој. Жали што целото внимание е свртено на правење статистики за тоа дали домаќинствата, индустријата, или автоболите се најголем загадувач, а не се работи на конкретни решенија.

„Процентот за мене не е важен. Акциите не се усмерени кон нив. Ние секогаш одиме во детали, во промили кој е главен извор, а во меѓувреме избегнуваме акции“, рече тој во своето обраќање пред насобраната научна фела.

Пристигна последниот автобус кој ќе нè врати во градот. Безволно, скопјани полека зафаќаат седиште. Знаат дека нареден пат кога ќе дишат чист воздух е дури следниот викенд.

Емилија Петреска

*Темата првично беше објавена во емисијата Мегафон, посветена на аерозагадувањето.