За „Викенд без ДДВ“ на граѓаните ќе им бидат вратени милион евра, или 17 пати помалку од планираното

Околу 9 милиони евра, или поточно 558 176 715 денари потрошиле граѓаните во текот на изминатот „Викенд без ДДВ“, при што ќе остварат поврат во износ од 66 853 929 денари, односно нешто над милион евра, соопштија од Управата за јавни приходи. Владините проекции пак при најавата на оваа мерка беа дека ќе се потрошат над 170 милиони евра, а повратот на ДДВ ќе биде во вкупна висина од 17 милиони евра.

Запрашан за тоа зошто граѓаните не ја искористиле мерката, премиеров Зоран Заев смета дека причините се комплексни.

„Затоа што е сиромаштија. Луѓето штедат пари, дури и да им дадат 18 отсто поврат, викаат ќе купам тоа што ми треба“, изјави премиерот кој посочи дека во следните недели не се размислува за нов викенд без ДДВ, а парите кои останаа ќе бидат потрошени во секторите кои се најпогодени од пандемијата.

Инаку, според податоците од УЈП, поврат на ДДВ од продолжениот викенд ќе добијат  вкупно 204.088 граѓани кои купувале македонски производи и услуги како и компјутерска опрема и издадените фискални сметки ги скенирале преку апликацијата МојДДВ.

Оттаму уште анализираат дека потрошувачката на македонски производи во овој Викенд без ДДВ во споредба со потрошувачката на истите производи во претходните викенди во истиот месец била зголемена за 2.2 пати.

Викенд без ДДВ беше дел од четвртиот сет владини мерки за справување со последиците од пандемијата.

[Подкаст] Што е муабетот со Викенд без ДДВ?