За управување со цврстиот отпад потребни се инвеститори и стабилна држава

За да се управува со отпад потребни се инвеститори, за да дојдат инвеститери тие бараат стабилна држава, сигурен правен систем и увид на постоечката структура, ова денеска го исткна претседателот на Романската асоцијација за управување со отпад и член на извршниот одбор на Меѓународната асоцијација за цврст отпад ИСВА Алексеј Атудореи на денешната конференција на Македонската асоцијација за цврст отпад (МАСВА) насловена „Вмрежување на Македонија во светските трендови за управување со цврстиот отпад“.

Според него, Македонската асоцијација се движи со голема брзина, посебно во последниве три година и дека од мала организација стана важен партнер на централната администрација во Европската Унија. Атудореи порача дека кога се дизајнира еден систем за управување со отпад треба да се има во предвид и волјата на граѓаните да го платат тоа. Тој даде пример каде во Романија за оперативните трошоци граѓаните плаќаат 70 евра, додека пак во Германија и Австрија тие изнесуваат 300 евра.

Министерот без ресор задолжен за регулатива за подобрување на инвестициската клима за домашните претпријатија Зоран Шапуриќ истакна дека Владата на РМ ќе  превземе почетни чекори да ги поттикне општините за да заживее системот на селекција и рециклирање на отпадот. Порача дека многу е важна улогата и на невладините организација, медиумите, за на граѓаните да им се објасни транспарентно кои се бенифитите, дали постојат ризици или не бидејќи, како што рече, сведоци сме дека на готови проекти има реакција од локалното население кое мора да се респектира.

Никола Бартолини од Делегацијата на ЕУ во Македонија информираше дека во рамки на Еевропската Унија од отпадот се рециклираат 43 проценти и дека сакаат да го постигнат таргетот од 65 отсто до 2030 година.

„Знаеме дека ова е долг процес, но мораме да почнеме да ги едуцираме нашите соседи, да почнеме да разговараме со граѓаните“, рече Бартолини.

Тој се осврна на проблемот со отпадните води посебно во Скопје и потенцираше дека не може да се има аспирации за членство во ЕУ без главниот град да нема пречистителна станица за отпадни води. Истото, нагласи тој, се однесува и за цврстиот отпад, за што е потребно да се почне со едукација. Потсети дека за таа цел, планот на ЕУ е да даде 36 милиони евра на располагање за градење на инфраструктура, потребна за управување со цврст отпад во Северо-источниот и Источниот регион на Македонија.

Директорката на Управата за животна средина при Министерството за животна средина и просторно планирање Билјана Зефиќ истакна дека првиот чекор кон подобрување на состојбата со проблематичното и несоодветно управување со цврстиот отпад во Македонија и кон исполнувањето на директивите за управување со отпадот на ЕУ е во размената на искуствата, со земјите членки на ЕУ  и соседите.

„Првиот чекор за унапредување на состојбата со управувањето со отпадот е секако донесување на законски прописи и други политички документи кои ќе ги детерминираат насоките на имплементирање на системот“, рече Зефиќ и додаде дека потоа, следат активности за спроведување на политиките кои треба да придонесат кон подобрување на стандардите за управување со отпадот во Македонија.

Според неа, првенствено е да се реши проблемот со еколошки несоодветното одлагање на отпадот на општинските нестандардни депонии, кои, како што смета таа, треба итно да се затворат, или технички да се надградат до стандардите утврдени со закон, а сето тоа да се направи преку воспоставување на систем за селекција на отпадот и зајакнување на секторот за третман и преработка на отпадот.

Конференцијата продолжува и утре, а ќе се дебатира за зајакнување на административните капацитети за имплементација на Рамковната директива за отпад и директивите за посебни текови на отпад.

МИА