За три дена во Скопје регистрирани 27 сообраќајки

Тешко повреден пешак и велосипедист, а полесно повреден моторциклист се регистрирани во подрачјето Скопје во изминативе три денови, кога вкупно се случиле 27 сообраќајки.

Во 12 сообраќајки има 17 полесно повредени лица, а 13 незгоди поминале само со материјална штета.

Од петок до недела, сообраќајната полиција открила 68 возачи кои се движеле со брзина поголема од дозволената, потоа 22 возачи што ги управувале своите автомобили под дејство на алкохол, кои се исклучени од сообраќај, осум возачи што поминале на црвено светло, но и девет возачи почетници што сториле прекршоци по разни основи.

Според СВР Скопје, санкционирани се и 11 пешаци што сториле прекршоци по разни основи и шест возачи на велосипеди со мотор, мопеди и мотоцикли кои не носеле заштитен шлем.

Со „пајак“ се отстранети 94 возила.

Во рамките на проектот „Сообраќајна култура на децата во предучилишните установи“ денеска Одделението за превенција при СВР Скопје ќе реализира едукативни работилници во Детската Градинка „11 Октомври“, објект „Караџа 1 и 2“ во општина Бутел.