„За тебе“: Со индивидуални донатори помош добија 10 младинци без родители

Здружението за помош и поддршка на деца без родители „За тебе“ информира дека и сите пречки кои годинава им ги сервирала, помогнале на 10 млади без родители и дале сè од себе за младинците да не почувствуваат дека има застој во исполнување на нивните барања.

„Опфативме група на млади луѓе од 19 до 29 години. Секој од нив имаше различна потреба (храна, облека, наоѓање на место за живеење, мебел, велосипед за до работното место…), а ние заедно со индивидуални донатори успеавме да одговориме на нивните потреби“, вели Цеце Николова, претседател на Здружението.

Николова објаснува дека со голем дел од нив морале да почнат буквално „од почеток“, односно со наоѓање на облека, храна и основни потреби за нормален живот.

„Знаете, овие млади луѓе, пораснати без родители, не бараат ‘брда и долини’. Тие само сакаат да имаат простор за живеење кој ќе може барем привремено да го наречат ‘дом’, сакаат сигурна работа и работодавци кои не го земаат предвид нивното тешко минато“, додава таа.

За краток временски период тие успеале да вработат 4 младинци, на што се исклучително горди.

„Единствената поддршка која ја добивме досега се индивидуални спонзорства и партнерства. Навистина сме среќни што има добри луѓе кои ја забележуваат позитивната страна на нашето работење. Но сепак, 10 младинци е бројка која во најбрз можен рок сакаме да ја зголемиме повеќекратно. Секаква помош е добредојдена“, заклучуваат од Здружението.

Инаку, „За тебе“ се формирана во 2020 година и е прва непрофитна организација во земјава која работи исклучиво со млади лица пораснати без родители, односно лица кои до 18 годишна возраст имале статус на дете без родители.