За Радио МОФ од Хонг Конг: Луѓето се многу свесни и не треба државата да воведе полициски час

Изолација без полициски час, јавно објавување на имињата на заболените и забранет алкохол поради промискуитет се дел од мерките воведени во Хонг Конг поради пандемијата на COVID- 19. Радио МОФ имаше прилика да разговара со Теодора, македонска државјанка која веќе месец и половина работи и живее во кинескиот регион кој воедно е најгустото населено место во светот. Во интервјуто, таа објаснува дека состојбата во нашата држава не е иста со онаа од Хонг Конг, каде што вирусот започнал да се шири во јануари, по што следувало намалување на бројката на заболени и нормализирање на состојбата која набрзо повторно се влошила.

Колку време престојуваш во Хонг Конг?

Јас сум во Хонг Конг месец и пол веќе и тука во ниту еден момент немаше воведено изолација како што има воведено во Македонија. Пред јас да се вселам, имаше период каде што никој не одеше на работа и сите седеа по домови, но не беше воведен полициски час.  2-3 недели пред да се вселам тука беше подраматична ситуацијата; луѓето не одеа на работа, имаше паника за тоалетна хартија, немаше маски, не можеа да се купат сретства за дезинфекција…

Како функционираше Хонг Конг пред нешто повеќе од еден месец?

Кога јас се вселив, Хонг Конг си функционираше најнормално. Луѓето одеа на работа, работеа кафулињата, работеа дискотеките, се одеше на „pub crawls“, луѓето постојано шетаа, рестораните работеа и целата ситуација многу се подобруваше. Баровите работеа, но имаше забрана за продажба на алкохол бидејќи алкохолот тера на промискуитетност, па така се поголеми и шансите да го фатиш вирусот. Училиштата требаше да започнат со настава, ама, пред една и пол недела луѓето сфатија дека ситуацијата е безбедна и почнаа да се враќаат назад. Пред околу девет дена во неколку авиони што долетуваа во Хонг Конг, од Малезија, Европа, од секаде – долетаа луѓе заразени со вирусот.

Каква е ситуацијата моментално?

Цела ситуација се влоши и сега луѓето повторно не одат на работа, повторно работат од дома, сите мои цимери работат од дома, баровите се затворени, а рестораните – оние кои работат мораат муштериите да ги сместуваат преку една маса. Ако седам на маса 1, маса 2 треба да е празна, а наредниот муштерија да е седнат да маса 3, за да се направи простор. Најново е тоа што во сите ресторани – синџири, како „Мекдоналдс“ – не смее да се јаде внатре по одредено време, после 3 или 4 часот. Единствена опција за вечера е само со подигнување, со тоа што пред да се влезе во ресторанот мора да ви измерат температура.

Хонг Конг во моментов е доста безбеден бидејќи луѓето обрнуваат внимание тука, сите лифтови ги чистат на секој час, секоја втора реклама во метрото е како да водиш хигиена и како да го спречиш вирусот. Секаде се движиме со маски. Каде и да одите, мерат температура. Мене, додека да стигнам на работа три пати ми ја мерат температурата.

Јас моментално одам на работа и се надевам дека ќе се подобри ситуацијата бидејќи самата работа ми е поврзана со деца. Моите цимери не ни одат на работа, многу од луѓето не излегуваат на улиците кои се полни со дискотеки и кафулиња. Секаде е многу празно, дури и за викенди е невообичаено празно. Има мал процент на луѓе, но и тие што излегуваат, излегуваат на планинарење, по планини и гледаат да не се мешаат во гужви.

Дали има промени во генералното однесување на луѓето?

Може да се гледа како позитивно, но може да се гледа како негативно тоа што локалното население во Хонг Конг е доста хипохондрично, така што голем дел од луѓето тука сами се изолираат, не сакаат да излегуваат, не сакаат да шетаат, работат од дома или не работат воопшто, сите носат маски, носат ракавици, носат визири за очите, ако некој случајно кивне во метрото буквало бегаат преплашени. Ако видиш некој кој не носи маска во метроа, тоа се претежно Европејци. Ама пак некако се одржува ситуацијата, бидејќи на некои места не можеш да влезеш ако не носиш маска и ако не ти измерат температура. Сепак, се води многу голема хигиена и има разбирање, не треба државата да воведе полициски час или нов закон, луѓето се многу свесни и самите се пазат.

Она што е многу интересно и што не ми се допаѓа е тоа што Владата има објавено листа на сите заразени со име и презиме и за жал пациентите се изложени на говор на омраза. Тука не се зборува многу, многу за менталното здравје, ќе си помислиш Хонг Конг којзнае колкаво место е, којзнае колку се свесни, но менталното здравје е многу голема табу тема. Луѓето се гледа дека се под стрес, самата ситуација со вирусот во Хонг Конг трае многу подолго отколку во Европа, тука вирусот е проблем уште од јануари и уште сега се гледаат многу последици, многу ресторани, многу продавници кои со години опстојувале се затворени и не се во фукција.

Кои се најголемите проблеми со кои се соочуваат граѓаните откако ситуацијата по вторпат се влоши?

Училиштата повторно не се во функција и најверојатно нема да се отворат се до септември, а сите оние што треба да се запишат на факултет ќе се запишуваат со полугодишните оценки. Децата тука немаат отидено на училиште од крај на декември, пред кинеската нова година.

Единствената „најзафркната“ работа што се случува тука во моментов е тоа што Одделот за имиграција, за издавање на работни визи моментално е затворен „until further notice“ така што има многу луѓе кои се наоѓаат во ужасна ситуација. Влезени се тука со туристичка виза, имаат работа, имаат договор, ама ја чекаат работната виза бидејќи не може да почнат со работа без овој тип на виза, за која не знаат кога ќе ја добијат. Така што, ќе видиме што ќе се случи со нив.

Ивана Смилевска