За првпат во Копенхаген велосипедите се побројни од автомобилите

На патиштата во Копенхаген побројни се велосипедите од автомобилите, покажуваат официјални проценки.

Надлежните во данскиот град регистрирале зголемување од 35 080 велосипеди на улиците, во текот на годината, или вкупно 265 700, додека вкупниот број на автомобилите изнесува 252 600.

Ова е масовен скок од првата ваква анкета, направена во 1970 година, кога на улицците возеле 340 000 автомобили и 100 000 велосипеди.

Според бројките на градските власти во Копенхаген, 41 отсто од превозот низ град се реализира со велосипед, а вкупната просечна далечина што ја возат велосипедистите секојдневно е 1,36 милиони километри.

Со модернизирање на патиштата, правејќи ги попријателски за велосипедистите, употребата на ова превозно средство се зголемило за 68 отсто во последните 20 години.

Данската влада, од 2005 година, до денес, инвестирала повеќе од 115 милиони фунти на велосипедската инфраструктура.

Примерот на Копенхаген го презеде и Лондон, каде исто така се случува огромен напредок во употребата на велосипедите како главно превозно средство. Бројот на велосипеди кои се вклучуваат во градскиот сообраќај за време на најголемиот метеж е двојно зголемен од оној на автомобилите. Ако овој тренд продолжи, до 2019 година и во Лондон ќе има повеќе велосипеди од автомобили.