За првпат ќе се сретнат семејства од Јужна и Северна Кореја раздвоени од војната

Група повозрасни државјани на Јужна Кореја пристигнаа во Северна Кореја за да се сретнат со роднините кои поради војната не се виделе повеќе од 60 години.

Корејскиот полуостров бил поделен по војната која траела од 1950 до 1953 година, а многу семејства биле разделени.

Двете Кореи, кои технички сé уште се во војна, претходно организирале вакви состаноци, но ова е прво во последните три години.

Преку лотарија биле избрани луѓето кои ја посетија Северна Кореја, а најстариот човек има 101 година.

Стотина луѓе беа избрани на двете страни за да присуствуваат на состанокот.

Сепак, некои се откажале кога сфатиле дека нивните членови на семејството повеќе не се живи, така што на состанокот присуствуваат 83 лица од Северна Кореја и 89 од југот.

Ли Кеум-Сеом, сега 92 годишна, изјави за новинарите дека ќе го види нејзиниот син за првпат по војната.

Според неа, таа ги изгубила сите информации за сопругот и синот кога имал четири години.

„Никогаш не сум сонувала дека овој ден може да дојде. Не знаев дали е жив воопшто”, изјави таа.

„Имам повеќе од 90 години, па не знам кога ќе умрам”, рече Мун Хјун-Сук.

Таа се надева дека ќе ги види помладите сестри.

„Многу ми е драго што сум избрана овој пат, сјаам од среќа”.

Корејската војна раздели милиони луѓе и кратките состаноци како овој се веројатно првиот и последен пат кога многумина ќе ги видат своите роднини.

Во последните 18 години, двете Кореи организираа 20 вакви средби.

Јужнокорејците патуваат со автобус и на север ќе поминат три дена.

Сепак, само неколку часа дневно ќе бидат со нивните роднини – вкупно 11 часа – додека голем дел од овие состаноци ќе бидат надгледувани.

Многумина носат подароци како облека, лекови и храна за роднините кои живеат на многу сиромашниот северен дел од полуостровот.

„Спакував некои лекови, таблети за главоболки, додатоци во исхраната и работи за секојдневна употреба”, вели 76-годишниот Ли Су-Нам, кои треба да го види неговиот постар брат.

Средбата ќе дојде по историската средба на лидерите на двете Кореи Ким Јонг-Ун и Мун Џае-Ин во април, на границата меѓу двете земји.

Двајцата се видоа повторно во мај, кога се согласија повторно да организираат семејни состаноци.