За првпат Гугл хром го надмина Интернет експлорер како најпопуларен пребарувач

Мајкрософт се најде зад Гугл во војната за прелистувачи. Минатиот месец, пребарувачот на Гугл го надмина Интернет експлорер на Мајкрософт, во бројот на корисници на персонални компјутери, според мерачот на интернет податоци Net Applications.

Хром е избраниот пребарувач со 41, 7 отсто од корисниците на персонални компјутери на глобално ниво, во споредба со 41, 3 отсто за Интернет експлорер, а 10 отсто за Мозила Фајерфокс, покажаа новите податоци. Според други бази на податоци, Интернет експлорер го изгубил своето водство.

На мобилните уреди, каде Мајкрософт има мала присутност, Хром одамна е во водство. Пребарувачот на Гугл се користи на 49 отсто од мобилните корисници, според податоците на Net Applications, потоа со 29 отсто е Сафари на Епл, а само 4 отсто користат Интернет експлорер.

„Сурфањето“ на интернет беше едно од најважните полиња за битки во потрошувачката технологија во измината деценија, а доминирањето во новите области беше појдовна точка во развојот на Мајкрософт во деведесеттите.

Интернет експлорер беше еден од најшироко употребуваните интернет пребарувачи за десктоп компјутери, откако го надмина Нетскејп навигатор во 1998 година.