За првпат француските ученици нема да полагаат матура поради новиот коронавирус

Француските ученици годинава нема да полагаат матурски испит поради пандемијата на коронавирус, што е првпат од воведувањето на таква проверка на знаењето.

Францускиот министер за образование, Жан-Мишел Бланкер, најави дека се откажува полагањето на завршниот матурски испит.

Учениците од последна година во средно училиште ќе можат да добијат диплома заснована на оценки од пред и евентуално по затворањето на училиштата поради коронавирусот. Покрај ова, во план е наставата да се продолжи во јуни за да се надомести изгубеното време.

Матурскиот испит во францускиот образовен систем е воведен од Наполеон во 1808 година и е неопходен за прием на универзитети.

Околу 740.000 ученици во Франција годинава требаше да полагаат матура, но според Бланкер, училиштата нема да бидат отворени пред мај, а можеби и подоцна.