За прв пат во историјата повеќе се користи Андроид отколку Виндоус

Андроид го надмина Виндоус како најпопуларниот оперативен систем за прв пат, според нови статистики.

Мобилниот оперативен систем на Гугл е на врвот на листата на оперативни системи преку кои се користи и интернет во март, со 37,93% од вкупниот број на уреди, јавува компанијата на интернет аналитика СтетКаунтер. Вклучени се податоци од десктоп, лаптоп, таблет и мобични уреди.

Уредите кои функционираат на Виндоус систем, сочинуваат 37,91% од сите пресметани во извештајот, поради што се за нијанса зад Андроид.

Сепак, се работи за голем пресврт, пишува Индепендент, бидејќи покажува колку се поразлични навиките на користење откако се појави паметниот телефон.

Според СтетКаунтер, глобалното користење на интернет преку уред управуван со Виндоус било 82% во јануари 2012, во споредба со само 2,2% за Андроид.

„Ова е клучен момент во историјата на технологијата и крај на една ера“, вело Аодхан Кален, извршен директор на СтетКаунтер.

„Го обележува крајот на светското водство на Мајкрософт на пазарот на оперативни системи, кое го имаше уште од 80-тите. Освен тоа, означува и огромен напредок за Андроид, кој имаше само 2,4% од глобалниот пазар пред само пет години“.

Минатиот месец, Кален изјави дека тоа што Андроид има исто толку корисници колку и Виндоус, би било „незамисливо пред пет години“.

Интересно е тоа што Виндоус е се уште на врвот според бројот на корисници во Европа, со 51,6% од корисниците, како и во Северна Америка, со 39,5%. Во овие два региони, уредите со Андроид систем имаат 23,6% и 21,2%, последователно.

Сепак, во Азија, Андроид има 52,2% корисници во споредба со 29,2% на Виндоус, јавува СтетКаунтер.