Поради страв од заразата со новиот коронавирус за прв пат после повеќе од половина век е откажана свечената вечера по повод доделувањето на Нобеловите награди, пренесува српски „Н1“.
Добитниците на Нобеловата награда за 2020 година ќе бидат објавени, но нема да има свечена вечера, која секогаш се организира на 10 декември и на која обично учествуваат околу 1.300 гости.
„Постојат два проблеми. Не можете да соберете толку луѓе едни спроти други. И не е сигурно дали луѓето ќе сакаат да патуваат во Шведска“, изјавил претседателот на Нобеловата фондација Ларс Хеикенстен.
Свечената вечера последен пат е откажана во 1956 година во знак на протест против инвазијата на СССР на Унгарија. Исто така, откажана била и за време на првата и Втората светска војна.
Наградата за постигнувања во областа на науката, книжевноста и мирот ја создал и финансирал шведскиот бизнисмен Алфред Нобел, а се доделува од 1901 година.