За пет години умреле 203 жени од рак на грло на матка, програмата за превенција опфаќа само 28 отсто од жените

„Во периодот од 2012 до 2016 година, од карцином на грло на матка умреле 203 жени во Македонија. Бројот секоја година расте за 6%. И покрај оваа алармантна состојба, Министерството за здравство издвојува средства и дава можност само 28% од жените на возраст од 24 до 60 години да направат бесплатен ПАП тест преку Програмата за скрининг на карцином на грло на матка“, покажува анализата на Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените-ЕСЕ.

По повод Светскиот ден за борба против ракот, здружението потсетува дека секоја година програмата на Министерството, која треба да помогне во превенцијата, опфаќа помалку жени од предвидениот број и троши помалку средства од издвоените.

„Во периодот од 2012 до 2017 година, 56 % од жените на возраст од 24 до 60 години не биле поканети да направат бесплатен ПАП-тест со Програмата за скрининг на карцином на грлото на матката, а пак на 72 % од жените не им бил направен ПАП-тест преку Програмата во изминатите шест години“, се вели во анализата.

Вкупно 20.464.230 денари би биле потребни за да се поканат 682.141 жени на возраст од 24 до 60 години да го направат ПАП-тестот. Потоа, 68.214.100 денари би чинело спроведувањето на ПАП тестовите од матични гинеколози на 50% од женската поулација на возраст од 24 до 60 години. Следно, 20.464.230 денари за цитолошка анализа на направените ПАП тестови. За крај, би биле потребни дополнителни 300.000 денари за координација на скринингот од страна на Центрите за јавно здравје и 500.000 денари за активностите на мобилната гинеколошка ординација.

Во анализираниот период, кај 13 317 жени или пак во просек кај 8% од цитолошки анализираните брисеви утврдени се одредени клеточни абнормалности.  Најголем број на клеточни абнормалности или 14,9% утврдени се во 2016 година.

„Доколку со Програмата за скрнинг на карцином на грлото на матката биле опфатени сите жени на возраст од 24 до 60 години во изминатите шест години, одредени клеточни абнирмалности би се идентификувале кај приближно 44 илјади жени што значи дека кај овие жени е пропуштена можноста за рано откривање на предраковите промени и карциномот на грлото на матката, и со тоа навремено излекување и продолжување на животот на жените“, велат од ЕСЕ.

Оттаму апелираат да се воспостави национална програма за скрининг на ракот на грлото на матката, каде што прецизно ќе се дефинираат критериумите и одговорностите на Министерството за здравство и Фондот за здравствено осигурување со која ќе се превенира предвремената смрт на жените во државата.

„Моментално и Министерството за здравство и Фондот паралелно предвидуваат превентивни активности за рано откривање на ракот на грлото на матката, без меѓусебна комуникација и координација“, забележуваат од Здружението.

Целата анализа може да се прочита ОВДЕ.