За Македонците веќе нема работа на брод, одлучи компанијата Royal Caribbean

Компанијата Royal Caribbean, една од најголемите која ангажира работници од регионот за работа на брод, донесе одлука во иднина да не прима лица од Македонија, Србија, Босна и Херцеговина, Авганистан, Италија, Албанија, Казахстан и од цела Африка, пренесува Фокус . Не е определено времето до кога работниците од Балканот нема да се во центарот на вниманието на компанијата. Одлуката во Сараево ја потврдиле од агенцијата Employment Power, која е застапник за Royal Caribbean за регионот.

Иако оттаму со точност не сакаат да прецизираат која е директната причина за ваквиот потег, од агенцијата се правдаат дека тоа нема врска со менталитетот или однесувањето на персоналот од Балканот, туку со политиката на компанијата. Сепак, имало истражување кое покажало дека работниците од околината, па и тие од Македонија повеќе не се потребни.

„Станува збор за ориентацијата на компанијата кон една врвна услуга кон своите гости, а донесена врз основа на истражувањата спроведени на нашите бродови во текот на неколкуте претходни години. Имаат таму некаква причина дека одреден дел од нациите кои работата на брод да ги намалат, односно други да зголемат“ – изјавил директорот на преставништвото кое го покрива Балканот.

Работата е толку сериозна, што и тие кои ги минале квалификациите и очекувале деновиве да почнат со работа на некој од бродовите пред ден два се известени дека им се откажува ангажманот  и дека ќе им се платат трошоците за визи, обука и патување.

Во писмата, компанијата им се извинила на работниците од Македонија, но им објаснила дека тоа е нова бизнис политика и дека нема ништо лично, туку едноставно таква е одлуката на врвот.

Компанијата и нивното преставништво не известуваат колкумина сега остануваат „извисени“, особено од Македонија. Исто така, е непознато дали и тие кои во моментов работат на нивните бродови ќе бидат отпуштени пред истекот на договорите.

Извор: Фокус