За кревкоста, потрошноста и кршливоста – предавање на Томислав Медак

На 25 јуни со почеток во 20 часот во живо на официјалната Фејсбук страна на „КРИК“ ќе се одржи предавањето на Томислав Медак, „За кревкоста, потрошноста и кршливоста: капиталистичка напуштеност и грижа“.

Предавањето ќе се одвива на англиски јазик.

„Низ целиот наш живот ние зависиме од поддршката на блиските, пријателите, туѓинците и институциите за да можеме да опстанеме – и за да го зачуваме светот во кој и ние и идните генерации треба да живееме. Таа меѓузависност од човечко и не-човечко постоење ги дефинира релациите на грижата, а обидот да ги одржиме го дефинира трудот на грижата. Постојаниот неопходен труд за да се одржи таа меѓузависност го прави нашето конечно постоење кревко и колективно. Тргнувајќи од работата која Валерија Грациано, Марсел Марс и јас ја развиваме, заедно со група професионалци, активисти и универзитетски професори околу Pirate Care – проект кој цели да иницира процеси на колективно  учење од бунтовните заеднички искусени практики на грижа кои се појавуваат како одговор на неолибералната „криза на грижата“ – во моето предавање критички ќе го разгледаме поимот грижа“, се вели во апстрактот за предавањето.

Од „Крик“ велат дека токму пандемијата уште еднаш укажа дека трудот на грижа е дефиниран со особено нееднакви односи на грижа.

„Оние што се носители на трудот, претежно прекарната работничка класа, нееднакво платени жени и мигранти, за возврат можат да очекуваат најмалку заштита. „Најзначајните работници“, задолжени за општествена репродукција, беа оние кои немаа друг избор освен да преземат ризик и навистина нивните заедници беа едни од најтешко погодените“, се нагласува во соопштението.

Томислав Медак студирал филозофија, германски јазик и литература на Филозофскиот факултет во Загреб. Во фокус на неговите теориски интереси лежат констелациите на современата политичка филозофија, теорија на медиуми и естетика. Од 2000 година ја координира теориската програма и издавачките активности на Мултимедијалниот институт МАМА (Загреб, Хрватска). Тој е член и на урбаната активистичка иницијатива “Право на Град“, Загреб и работи со загрепската театарска група BAD.co како перформер, драматург и режисер.