„За каменот” – изложба на француската уметница Флор Хелуан

Француската уметница Флор Хелуан, во петок (17 октомври) во просториите на галеријата ОСТЕН во Скопје ќе ја отвори изложбата насловена „За каменот“, реализирана за време на нејзиниот престој во Скопје во текот на минатата година.

23

– Новата серија цртежи со јаглен насловена „За каменот” е создадена во бронзенодопскиот архео- астрономски локалитет Кокино. Овие цртежи се резултат од нејзиниот резиденцијален престој во Скопје, и од нејзината цел да го набљудува амбиентот на опсерваторијата во обид да ги разбере маркерите, референците во просторот и да се обиде да ги поврзе со камените маркери во Кокино. Правејќи го ова, таа се обидува да ја опфати истата глетка и да му даде смисла на просторот и да го види на ист начин како нејзините претходници, неговите креатори.

Во нејзините претходни дела, Хелуан се интересира за естетските квалитети на свелината и темнината и начинот на којшто новите медиуми го илуминираат современото општество. Во оваа серија цртежи, Хелуан го поместува својот интерес од истражување на светлото и се фокусира на ноќниот амбиент којшто ја опкружува опсерваторијата, правејќи ја видлива преку мали исечоци на месечева светлина којашто ја осветлува преку пукнатините на околните планини. Тешките слоеви на јаглен од кошто се креирани цртежите, ја апсорбираат светлината кон цртежот, креирајќи скоро целосна темнина. Оваа атмосфера е во контраст со светлина којашто рефлектира од површината на делата, слој на цртежите добиен од мешавина на светликави издробени Мика-камења од околината на опсерваторијата. Овој ефект креира дополнителен пластифицитет на приказот. Во овој циклус уметницата повторно комбинира различни историски пристапи во сликарството со различни историско-уметнички референци и влијанија коишто се наѕираат во нејзините дела, естетиката на Анселм Кифер, ноќните фотографии и слики на Едвард Штајхен, и врската со темнината во опусот на Рембрант или Ѓото, пишува кураторката на изложбата Елена Вељановска.

Втората компонента од циклусот се бинауралните придружни звуци креирани на истата локација. Бинауралните ритми се појавуваат кога два звука со иста фрекфенција се претставени по еден на едно уво, или преку стерео звучници или слушалки. Тогаш мозокот ги интегрира овие звуци во еден тон, или бинаурален ритам. Овие тонови се комбинирани со звуци снимени во Кокино, коишто додека се слушаат, дополнително и помагаат на публиката да постигне чувствителна умствена состојба на задоволство.

Флор Хелуан е француска уметница којашто живее на релација Берлин, Германија и Нормандија, Франција. Таа студирала во класата на Џилиан Гелцер (Gilian Gelzer) и Џоел Хубау (Joel Hubaut) во Каен, Франција и Норберт Биски (Norbert Bisky), во Салзбург, Австрија. Таа била дел од академската програма при Универзитетот 8 во Париз, катедрата за Уметност и технологија на сликата.

Хелуан е музичар и перформер во бендот Plateau Repas. Нејзината практична работа се фокусира на сликарство кое инкорпорира перформанс, инсталација и звучни експерименти. Главните теми во нејзината работа вклучуваат сликање на ‘културата на екранот’, новите медиуми во комбинација со традиционално сликарство, осветлување и кемп култура.

Изложбата која ќе биде поставена до 31 октомври 2014 година е финансиски поддржана од Францускиот Културен центар и АЛДА (Асоцијација за поддршка на локалната демократија).