За исто работно место жените добиваат помали плати од мажите

Во Македонија жените се за околу 18 проценти помалку платени од мажите за иста работа и исти квалификации, а помалку учестуваат на пазарот на труд од мажите со околу 25 проценти. Исто така, жените поминуваат околу 2,5 часа повеќе работејќи неплатена работа од мажите.

Ова се дел од податоците што ги изнесоа учесниците на тркалезна маса посветена на „Стратегијата за воведување родово одговорно буџетирање – 5 години потоа”. Податоците, сметаат, укажуваат дека постигнатите резултати се недоволни и оти треба да се работи, не само на донесување закони и стратегии, туку и на примена преку соодветно родово одговорно буџетирање.

Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска истакна дека Владата има вистинска, а не само декларативна заложба за подобрување на состојбите во родовата еднаквост, преку родово одговорно буџетирање, кое, рече, е клучниот показател за реалните залагања.

„Јас како министер и како координатор за воспоставување родова еднаквост ќе се залагам работите да се прават на вистински начин, што би било невозможно доколку го немаме на наша страна Министерството за финансии, кое е вклучено со истата заложба“, рече Царовска.

Потенцира дека ќе работат до крајот на манадатот да се воспостават механизми за родово одговорно буџетирање, а буџетите на сите институции да даваат слика како се трошат парите и како влијаат на едната или другата група граѓани.

Доминика Стојановска, раководителка на Канцеларијата на UN Women во Скопје, смета дека за да се види напредокот во унапредувањето на родовата еднаквост и направениот прогрес се потребни специјални индикатори.

„Тоа ќе се прави преку соодветни индикатори кои ќе мерат колку средства се алоцирани за да ја следат и унапредуваат родовата еднаквост. Прогресот нема да се мери по изменети закони и механизми, туку според буџетските алокации“, рече таа.

Претставникот од Министерството за финански Бранимир Јовановиќ смета дека проблем е тоа што буџетските корисници немаат капацитети да изготвуваат политики сензитивни кон родовите прашања, но и што самиот буџетски процес не е соодтветен или отворен за родово буџетирање.

„Ние сме свесни за ова и работиме на изготвување на нов закон за буџети и кога ќе се смени тој процес на буџетирање и ќе биде воспоставен нов, тој ќе биде поотворен и приспособен за вклучување родови аспекти во буџетот“, рече Јовановиќ.

Тркалезната маса се одржа денеска во организација на Министерството за труд и социјална политика и Канцеларијата на UN Women во Скопје.

МИА