За испуштањето отпад во Вардар највисока можна казна од 70-100.000 евра

„Согласно А-ИСКЗ дозволата, операторот (‘Арцелор Митал’, приземен од ‘Либерти Хаус Груп’) го извести ДИЖС И МЖСПП за еколошки инцидент, што е констатирано и со Записник. Во инспекциска постапка следи Решение како втор акт во постапката. Инспекторот што го води предметот одлучува самостојно за понатамошните акти, за прекршок која категорија согласно Законот за животната средина (И, ИИ или ИИИ), дали ќе има покренување кривична постапка итн“, велат од Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС) за Радио МОФ, откако ги прашавме што следи како санкција, односно одговорност за инсталацијата што испушти индустриски отпад во Вардар и предизвика помор на риби.

Дарко Блинков од ДИЖС, вели дека за првите две категории од Законот за животната средина, општо земено се помали глоби.

„Инспекторот поднесува Платен налог и доколку не се плати во рок од 8 дена пола сума, Инспекторот покренува прекршочна постапка до надлежната Комисија за прекршоци при Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) и понатаму комисијата одлучува, а не инспекторот. Исто беше и во случајот со ‘Дрисла’“, потенцира Блинков од ДИЖС.

За прекршок од 3-та категорија, висината се движи од 70-100.000 евра.

Постапката вели – задолжително се поднесува Записник за спогодување и, потоа, вели Блинков, доколку операторот кој сторил прекршок го прифати, отпочнува постапка за спогодување кај втората Комисија за спогодување. Инспекторот, пак, учествува со писмена информација за постапката што ја водел.

„Ако не успее спогодувањето, предметот оди на Основен Суд кадешто е случен прекршокот. Судот може да го врати предметот повторно на првостепен орган на одлучување“, нагласува претставникот од ДИЖС.

Од ДИЖС потврдуваат дека надлежноста за случајот е кај нив, бидејќи субјектот е со А-интегрирана дозвола. „Арцелор Митал“ е приземен од „Либерти Хаус Груп“, но се уште не е официјално регистриран во Централен регистар со новото име.

Според ДИЖС, тоа е во процедура и ќе биде за кратко.

„За дефектот што се случи во неделата, по изјави на одговорните лица е дека тој не е случен на ниво на нивна групација“, вели Блинков од ДИЖС.

Самата компанија испуштањето отпад во Вардар од неделата го окарактеризира како технички инцидент кој се случил на линијата Лужилница.

„Либерти Скопје го пријави до надлежните органи техничкиот инцидент кој се случи на линијата Лужилница. Ние спроведуваме сеопфатна истрага за настанот. Тесно соработуваме со надлежните органи и претставниците на заедницата за да ја разбереме причината за инцидентот“, соопштија вчера од компанијата.