За феминизмот…

Equality-feminism-21182933-229-197Жените одамна ја започнале борбата да добијат еднакви права за образование, работа, право на глас, рамноправност во светот кој некогаш бил предводен само од мажи. Денес среќаваме голем број жени на лидерски и значајни позиции во разни сфери од општествениот и политичкиот живот, жени кои ја докажале својата професионалност, способност и успешност и се здобиле со почит и тоа особена почит токму поради тоа што се жени.

Но зарем тоа „токму поради тоа што се жени“ не ни укажува дека нешто сè уште недостасува во оваа приказна.
Растеме со приказната за тоа како жените некогаш се избориле за своите права, но дали таа битка е завршена? Иако голем дел од нас уживаат во тие права, правата слободно да го изберат својот партнер, да се образуваат, да се вклучат во сите сфери на општествениот и политичкиот живот, сепак дури и во круговите на луѓе кои се високо образовани се среќаваме со разни видови стереотипни ставови и препреки за жените.

Која е сликата за жената во нашето општество? Ќерка, па девојка, (па средно училиште или денес малку попродолжено образование – факултет) па нечија жена и домаќинка… и тука најчесто продолжува сè по старо. Како несвесно да се откажуваме од нашиот глас, а некои од нас не стигнуваат ни да го искористат…. Сè уште се слуша дека некоја работа не е женска работа, огромен е процентот на жени кои се малтретирани од своите сопрузи на различни начини, добиваат отказ поради тоа што се бремени, не ги вработуваат на определено работно место затоа што имаат мали деца или примаат пониски плати од своите колеги мажи само затоа што се жени?!? Да не ја споменувам и поделбата на наследството која оди се наспрема ништо или 90 отсто наспрема 10 отсто за женското дете… Тоа ли е рамноправноста на жената во 21-виот век во Македонија?

Зошто мислиме дека сме ја извојувале борбата? Веројатно медиумите врз нас имаат многу поголемо влијание отколку што самите сме свесни. На телевизија гледаме успешни жени како раководат цели компании, како достигнуваат светски рекорди, стануваат успешни научници…. но, кога ќе излеземе од дома ќе се оттргнеме од сликата која ни се наметнува се соочуваме со нашата „реалност“. И покрај тоа што сакаме да веруваме дека сме ги извојувале битките за женски права, сепак се среќаваме со дискриминација за која нè уверуваат дека не постои, дека бараме премногу… дека „не си го знаеме местото“?

Оваа слика е толку силна што и меѓу младите сè уште среќава убедувањето дека жените не се способни за голем број на работни позиции само поради тоа што се жени и „послаби“.
А на таа долготрајна борба која се нарекува феминистичко движење и прилепуваат карактеристики според потребите. Сè повеќе се валка образот на феминизмот и сликата за една феминистка е жена со машкоданеста појава која ги мрази мажите и сака да ги надвладее на некој начин.

Самиот факт што споменувањето на феминизмот побудува енергични дебати укажува на несогласување во ставовите и информациите што ги добиваме или решаваме да ги прифатиме на оваа тема.
Претставата за феминизмот залутала по некои застранети прашања. Плукана, извалкана, извитоперувана…. предрасуди, стереотипи…. испраќање на купишта погрешни информации кои водат до заблуда и слепило. Тоа овозможува до младите да допрат само „избраните“ пораки.

Да ги отвориме очите и да сфатиме дека рамноправноста треба да означува единство, заедничка работа, творење и уживање во животот, а не надмоќ на едните на другите.

Ива Симоновска