Во ноември, бројот на пријавени случаи на акутни заразни заболувања изнесува 1.242 случаи, што е за 29,2 отсто повеќе отколку во октомври, наведено е во билтенот на акутни заразни болести што го објави Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).
Како што се наведува, повеќе од половина од случаите, 808 случаи биле овчи сипаници, што ја прави оваа болест најраспространета во ноември. Следни се ентероколитисите со 257 случаи.
Регистрирани се и помали групи на заболени од други акутни инфекции како бактериски алиментарни инфекции, салмонелози, инфективна мононуклеоза, легионерска болест, скарлатина и други.
Во однос на ХИВ/СИДА и вакцино-превентабилните заболувања, во ноември пристигнале две нови пријави за ХИВ/СИДА, а бил регистриран и еден смртен случај поврзан со СИДА. Во делот на вакцино-превентните болести се регистрирани неколку случаи на вирусен хепатит Б, заушки и голема кашлица.
Пријавени се и 12 ковид случаи, а во октомври оваа бројка била 70. Забележано е и циркулирање на респираторни вируси, вклучително и грип, со значителна појава на случаи слични на грип.
Во ноември пријавени 284 случаи на антибиотска резистенција
Минатиот месец во ИЈЗ се пристигнале 829 пријави за изолиран-докажан причинител на заразна болест и резистенција на антибиотици. Пријави се добиени од микробиолошките лаборатории од териториите на сите десет центри за јавно здравје. Најчесто пријавувани причинители во месец ноември се: МРСА (33,5%), ХПВ (20,1%) и рота вирус (4,5%).
Резистенција кон антибиотици е регистрирана кај вкупно 284 докажани микроорганизми и тоа: Acinetobacter spp., E.coli, E.coli ESBL, Klebsiella spp., Klebsiella pneumoniaе, Salmonella spp., Staphylococcus aureus –meticilin rezistenten (MRSA). Најчесто изолирани причинители во лабораториите биле MRSA (метицилин-резистентен Staphylococcus aureus), HPV (хуман-папилома вирус), како и ротавирус. Пријавена е и резистентност на различни бактерии на антибиотска терапија.
Две масовни труења со храна
На 11 ноември, ЦЈЗ Скопје пријавил епидемија на Toxoinfectio alimentaris со 6 заболени лица, поврзана со фамилијарен собир. Не биле регистрирани хоспитализации.
„Беа дадени препораки за строго придржување кон санитарно-хигиенските мерки при подготовка и манипулација со храна, со цел спречување на контаминација и појава на труење со храна, како и избегнување консумирање храна од нерегистрирани и неконтролирани производители. Епидемијата е одјавена на 14 ноември““, наведено е во билтенот на ИЈЗ.
На 27 ноември Центарот за јавно здравје Скопје пријави епидемија на алиментарна интоксикација/гастроентероколитис кај ученици во основно училиште во Скопје. Во рамки на епидемијата беа регистрирани 34 заболени лица, од кои 9 лица беа хоспитализирани.
Мета.мк



