За четири години имало 20.000 протести во Грција

Од моментот кога грчката Влада соопшти дека се согласува со условите за првиот пакет мерки за спас на земјата во 2010 година, во Грција имало повеќе од 20 илјади протести и митинзи.

За четири години имало 20.000 протести во Грција

Ова, како што јави дописникот на МИА од Атина, го соопшти грчкиот министер за јавен ред Никос Дендиас, кој во Парламентот поднесе официјални податоци. Според извештајот, од 8 мај 2010 година, до 28 март годинава, низ цела Грција имало вкупно 20.210 демонстрации, од кои 6.266 биле одржани во Атина.

Податоците на Дендиас всушност беа одговор на прашање од тројца пратеници на Сириза, при што тој сепак не одговори колку често полицијата употребувала хемикалии за да ја растера толпата.

„Не постојат официјални податоци за бројот на инциденти или вид на контрола на толпа кои ги користи полицијата“, рече Дендиас.

Според него, употребата на солзавец од страна на полицијата не била „претерана“ и се било во согласност со грчкиот Устав и етичкиот кодекс за полицајци.

Дендиас истакна дека грчката полиција користи ЦС гас произведен во САД, Израел, Велика Британија, Франција, Швајцарија, Германија, Бразил и Чешка. Тој информира дека количината на ЦС (2-хлоробензалмалононитрил) што се користела во солзавецот била минимална.

Министерот исто така рече дека во последните четири години за време на протестите против мерките за штедење е казнет само еден полицаец поради прекумерно користење солзавец.

Пред повеќе од една година претседателот на Здружението на лекари на Атина Јоргос Патулис изјави гас бомбите кои биле употребени на протестите содржат ЦС,  хемикалии што предизвикуваат сериозни здравствени проблеми, од респираторни болести, па до рак.