„Шовинисти! Како не ви е срам. Под кој основ ги делите наградите, мажи – жени!?“, „ А зошто партиципацијата за учество е иста? Веќе кога делите на машки и женски, поделете ја и стартнината“, „Камено доба…и ова со понежниот пол посебно…срамота за организаторите на маратонот“
Најавата за 31-от Меѓународен атлетски маратон во Охрид кој предвидува скоро двојно помал награден фонд за жените учеснички во трката предизвика остри реакции на социјалните мрежи. Така, наградата за првопласираниот маратонец е 800 евра, додека за првопласираната маратонка е 500 евра. За второ место наградите се 400 со 250 евра, во корист на мажите, слично како и за третопласираните.
Проблемот не им бил непознат на организаторите, велат, секоја година се судирале со истите прашања. Според претседателот на Организацискиот одбор Пецо Неданов, „не се работи за непочитување на понежниот пол туку за факти“.
„Наиме како прво во последниве години, а и скоро секогаш во минатото учесничките од понежниот пол биле 10 па и помалку од 10% во однос на вкупниот број на учесници така да сметаме дека е многу полесно од 10 учесници да освоиш едно од првите 3 места одколку од 90 и повеќе,а секако и самите припреми се сигурно многу потешки за да се стигне до првите 3 места во машка конкуренција одколку во женска конкуренција. Покрај тоа ретко кога имало повеќе од 2 квалитетни учеснички од странство кој се бореле за првите 3 места додека во машка конкуренција скоро секогаш имало повеќе од 6 учесници кој агитирале на првите 3 места“, се правда Неданов.
За ваквите постапки реагираше и женска граѓанска иницијатива АНТИКО – мрежа на граѓански организации за женски човекови права, која најостро го осудува дискриминаторскиот пристап на организаторот.
„ Ова покажува дека дури и во услови на иста стартна позиција помеѓу жените и мажите, односно можноста да се натпреваруваат на истата патека, сепак, надоместокот, односно наградата не е ист за жените и мажите.
Таквиот пристап ниту е во согласност со спортскиот дух, но уште поважно не е во согласност со Законот за еднакви можности на жените и мажите каде меѓу другото децидно е наведено дека се забранува дискриминација врз основа на пол, во јавниот и приватниот сектор во многу области меѓу кои и во спортот!“, стои во нивната реакција. Тие побараа организаторите навремено да ги променат критериумите за вреднување и наградите да бидат изедначени без разлика на полот. Истовремено ги повикуваат надлежните институции да реагираат согласно законските норми и прописи и да ги санкционираат правните субјекти кои јавно водат дискриминаторни политики и поттикнуваат родова нееднаквост.
Истовремено на социјалните мрежи се повикува на бојкот на настанот. Маратонот, како што е најавено, треба да се одржо на 7 септември во Охрид.