За 8 месеци 91 жртва во сообраќајки по македонските патишта

Републичкиот совет за безбесност на сообраќајот на патиштата (РСБСП) соопштуваат дека периодот од јуни до септември во светот е познат како 100-те најцрни денови на патиштата. Според РСБСП, неофицијалните статистички податоци покажуваат дека од почетокот на годината па досега, 91 лицe го загубиле животот во сообраќајни незгоди на патиштата во Република Македонија, од кои 48 лица во првите 6 месеци и дури 43 лица во месец јули и август.

Како за компарација, во текот на целата 2016 година имаше вкупно 164 загубени животи по патиштата, во 2015 таа бројка беше 144, во 2014 – 130, а за 2013 година се регистрирани дури 198 жртви, или 9 загинати на 100.000 жители.

Во 2012 на црната листа беа евидентирани 132 жртви, односно 6,40 жртви на 100.000 жители. Таа година се проценува дека на еден милион жители доаѓаат по 79 загинати лица од сообраќајки. Индикаторот на смртност го надминува просекот на ЕУ за 16 отсто. Понатаму, за пример, на ниво на Македонија во 2012 имало 8.588 сообраќајки.

Во втората Национална стратегија за безбедност на сообраќајот на патиштата 2015-2020 година, целта е бројот на жртвите до 2020 да се намали и да се приближи до просекот на бројот на жртвите на земјите на ЕУ. Односно, бројот на жртви – млади возачи да се намали за 30 отсто, оние со тешки телесни повреди да се намалат за 40 отсто, додека бројот на деца – жртви во сообраќајот да се сведе на нула. Колку е ова изводливо, тешко да се процени. Пред се’ поради што првата ваква Стратегија предвидуваше жртвите да се намалат за 50 отсто во однос на 2007 година, во апсолутен износ до 120 жртви. Ова не се оствари. Оваа цел не се оствари ниту на ниво на ЕУ, па затоа сега остварувањето на целта се помести за 2020 година.

Познато е дека годишниот просек во Македонија е околу 160 жртви, од кои над 40 отсто се во Скопје.

Сега РСБСП соопштува дека сообраќајните незгоди со тешки и фатални последици, за жал, станаа составен дел од секој продолжен викенд. Сообраќајните билтени на МВР покажуваат дека моментите наменети за одмор и славење многу често се претвораат во семејна трагедија која остава долги и фатални последици.

„Септември е период во годината кој е соодветен за организирање на продолжен одмор или пократко патување во земјата или соседството. Карактеристично за секој продолжен викенд е зголемениот интензитет на сообраќај и поголемата фреквенција на автомобили, а тоа во комбинација со неодгoворното учество во сообраќајот може да доведе до зголемување на бројот на сообраќајни незгоди и зголемување на бројот на загинати и повредени лица во сообраќајни незгоди. Пред нас е уште еден продолжен викенд и уште еден предизвик и искушение кога е во прашање безбедноста во сообраќајот. Токму затоа, РСБСП повторно апелира до сите учесници во сообраќајот да бидат внимателни и одговорни, да ја почитуваат сообраќајната сигнализација, да внимават на правилата за ограничување на брзината, да не престигнуваат неправилно и да не управуваат моторно возило под дејство на алкохол“, велат од Советот.

РСБСП потсетува дека меѓусебното почитување, почитувањето на сообраќајната сигнализација и сообраќајните знаци е основно правило за безбедно управување со возилото и претставува гаранција за безбедно одвивање на сообраќајот.