За пет години се поднесени 59 кривични пријави за напади врз новинари

Министрите во Владата на Република Македонија, Оливер Спасовски, за внатрешни работи и Роберт Поповски, задолжен за комуникации отчетност и транспарентност, на прес-конференција презентираа конкретни податоци за преземените мерки од Министерството за внатрешни работи (МВР), во врска со регистрираните напади на новинарите од 2013 година до денес. Во извештајот кој е поделен на два дела, до јуни 2017, и потоа, се избројани 59 напади врз новинари за кои имало поднесена кривична пријава.

Како што соопшти министерот Спасовски, во периодот од 2013 година до јуни 2017 година, до МВР се поднесени вкупно 47 пријави од граѓани или медиуми, поврзани со физички напад на новинари, загрозување на сигурноста во вид на закани или говор на омраза.

„МВР има поднесено кривични пријави против пет сторители  за пет кривични дела од кои три за кривично дело насилство, и по една за кривичните дела затајување и изнуда. За пет од пријавените случаи се поднесени барања за поведување на кривична постапка, а шест од пријавите се кривични дела кои се гонат по приватна тужба. Два од вкупните 47 случаи немаат елементи на прекршок, и за два случаи е изречена мерка предупредување, за што се известени Основните јавни обвинителства. Петнаесет од вкупните 47 случаи сè уште не се расчистени“, информираше министерот Спасовски.

Наспроти ова, како што рече тој, во периодот од јуни 2017 до денес, пак се регистрирани се 12 случаи од кои , како што потенцираше Спасовски, еден не е расчистен.

Министерот без ресор, задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност, Роберт Поповски, истакна дека не постои оправдување за никакви притисоци, закани, уцени врз новинарите и медиумските работници, за било каков обид за загрозување на слободата на говорот и изразувањето.

„Секој напад врз медиумските претставници, физички или вербален, ќе биде најостро осуден и санкциониран. Тоа е нашиот придонес и заложба за враќањето на достоинството на новинарската професија, и за создавање услови за професионално извршување на задачите“ , рече министерот Поповски.

Во своето обраќање пред претставниците на медиумите, и македонската јавност, тој апелираше, покрај сите заложби на  Владата во врска со обезбедувањето на демократските услови за почитување на слободите, и другите институции во државата, обвинителството и судовите, како и организациите од граѓанскиот сектор, да постапуваат максимално професионално и да алармираат за секој напад или закана против медиумските работници.