„Yahoo“ ќе отпушти 1500 вработени

Американската интернет компанија „Yahoo“ ќе го намали бројот на вработени за 15 отсто, односно приближно 1 500 работни места, што е дел од „агресивен стратешки план“ за да си ја врати профитабилноста.

Компанијата посочи дека поголемиот дел од намалувањата ќе бидат извршени во првото тромесечје од оваа година. До крајот на годината, „Yahoo“ ќе го намали бројот на вработени на 9 000 службеници со целосно работно време и помалку од 1 000 со половина работно време.

На крајот на септември во „Yahoo“ работеле 10 700 службеници со цело работно времо и околу 800 хонорарци.

Оваа информација доаѓа откако компанијата соопшти дека минатата година имала загуба од 4,3 милијарди долари.

Извршната директорка Marissa Mayer изјави дека компанијата има за цел да ги концентрира производите врз три големи платформи – „Yahoo search“, „Yahoo mail“ и „Tumblr“, и врз четири големи теми – вести, спорт, финансии и лајфстајл. За планот пак, вели дека бара промени во производството и ресурсите.

„Yahoo“ веќе со години се бори да остане на врвот со „Facebook“ и „Twitter“. Но, компанијата веќе затвори свои претставништва во Дубаи, Мексико Сити, Буенос Аирес, Мадрид и Милано.