World Press Photo of the Year – прва награда за фотографија од дете под бодликава жица

Направена во текот на големата мигрантска криза во Европа и опишана како „прогонувачка“ од член на жирито, оваа црно-бела фотографија на Австралиецот Ворен Ричардсон ја доби World Press Photo of the Year наградата, која се смета за најпрестижна награда во светот на фотографијата.

Сликата на која е прикажан татко кој го предава своето мало дете под ограда со бодликава жица кон испружени раце победи повеќе од 80000 други фотографии пријавени на натпреварот.

Дури и самиот фотограф вели дела „подголтнал“ кога прв пат ја видел сцената. Ричардсон, кој потекнува од Морнингтон, Викторија, поминал шест месеци фотографирајќи ја мигрантската криза. За Guardian вели дека фотографијата настанала една тензична ноќ во август, додека бегалците преминувале од Хоргош, Србија, во Роске во Унгарија.

„Околу 200 Сиријци се криеја во фарма за јаболка, барајќи начин да ја преминат границата. Останав со нив околу четири часа додека си играа мачка и куче со полицијата, која ги напаѓаше со спреј за самоодбрана“, вели тој.

„Знаев што сѐ требаше да направат за да ја преминат границата, па кога требаше да бидат тивки, и јас бев тивок. Морав да ги следам нивните правила бидејќи не сакав да им наштетам“, додава.

Кога фотографијата била направена, Ричардсон вели дека имало постојан наплив на луѓе кои трчаат и се пикаат под оградата, директно кон другата страна на патот во поле со пченка.

„Се движеа многу брзо, па буквално требаше да го наместам објективот на одредена далечина и да се надевам дека ќе имам среќа да направам пристојна фотографија, бидејќи беше премногу темно. Таа ноќ имаше полна месечина, па фотографијата е всушност осветлена од месечева светлина“, раскажува Ричардсон.

Околностите биле такви што Ричардсон не сфатил колку е фотографијата квалитетна, сѐ додека не стигнал во Австралија и разгледувал што фотографирал. Дури ни тогаш немал намера да ја пријави фотографијата на натпреварот, сѐ додека неговиот партнер, исто така фотограф и уредник, не го посоветувал да ја пријави.

Френсис Кон, член на генералното жири на World Press Photo, вели дека фотографијата „има огромна моќ поради едноставноста, особено поради симболизмот на бодликавата жица“.

„Мислевме дека има речиси сѐ што е потребно за да даде силна визуелизација за она што се случува со бегалците. Мислам дека е многу класична фотографија, а истовремено е и безвременска. Портретира ситуација, но начинот на кој е сработена е класичен во највисок смисол“.

Фотографијата, која ја освои и првата награда во Spot News категоријата, е првата црно-бела фотографија која ја добила главната награда од 2009 година, кога наградата ја доби Ентони Суау.