„WO-MAN” – изложба на Христина Зафировска

Во организација на Културно информативниот центар (КИЦ) од Скопје,  во вторник (4 ноември) во 20:00 часот, во Изложбениот салон – Империјал 2  ќе се отвори изложбата „WO-MAN” на академската уметница Христина Зафировска.

Проектот со наслов „WO-MAN” на Христина Зафировска нуди една лична критика на сѐ повулгарната експлоатација на жената во маркетинг-индустријата.

– Револтот на авторката произлегува од медиумските претстави за предвидената квазифункција на жената во општеството кои вршат еден вид секојдневна инфотортура и свесно наметнуваат норми за изглед и однесување. Наспроти сите декларативно добиени законски права што ги изедначуваат жените и мажите, сѐ понаметнато се случува манипулативно изместување на претставите за цивилизациските достигнувања, вредности, карактеристики што се позитивен пример на полова/родова еднаквост и  за жал, во современите рекламни кампањи (базирани врз телесната појавност), речиси без исклучок, функцијата на жената се дефинира како синоним за репродукција и сексуалност, вели кураторката на проектот Маја Чанкуловска-Михајловска.

Авторката има дипломирано на Факултетот за ликовна уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје, на смерот сликарство со графички дизајн. Зафировска во моментов е магистрант на Факултетот за дизајн и мултимедија во Скопје-насока графички дизајн. Работи во полето на сликарството, графичкиот дизајн, инсталацијата, цртежот, фотографијата и видеото.

Активно учествува на локални и регионални проекти и погранични соработки од областа на културата.  Дел е од многубројни фестивали, работилници, групни претставувања на Балканот, во Европа и пошироко.

Изложбата „WO-MAN” ќе биде отворена до 15 ноември.