WhatsApp го ограничува препраќањето пораки во борба со лажните вести

Корисниците на WhatsApp ќе можат една порака да ја препратат најмногу пет пати со новите измени кои платформата ги прави за справување со ширењето на дезинформации.

Досега корисниците можеа да препратат една порака до 20 пати.

Надградбата на правилникот на платформата беше соопштена на настан во Џакарта, Индонезија, каде во април се одржуваат парламентарни избори.

Компанијата во сопственост на Фејсбук веќе спроведе вакви правила во Индија пред шест месеци предизвикана од масовните линчови на луѓе по лажни информации кои се споделувале преку апликацијата.

Од WhatsApp за Би-Би-Си изјавиле дека одлуката била донесена по внимателна анализа на резултатите од полугодишното тестирање во Индија.

„Лимитот на препраќањето значително го намалува споделувањето на пораки низ светот. Оваа промена ќе го направи WhatsApp фокусиран на приватните пораки со блиски контакти. Ќе продолжиме да го слушаме фидбекот на корисниците околу нивното искуство и да продолжиме да наоѓаме начини за справување со виралните содржини“, изјавиле од платформата.

Дури 256 корисници можат да се стават во една група на WhatsApp. Тоа теоретски значи дека еден корисник сега ќе може да препрати порака до најмногу 1.280 луѓе, наместо до 5.120 луѓе како што тоа беше можно досега.

Рестрикцијата доаѓа во период кога WhatsApp и Фејсбук се под жесток притисок поради нивната улога во ширење пропаганда и невистини преку интернет просторот.

Минатата недела Фејсбук информираше дека отстраниле 500 страни и профили, наводно поврзани со ширење лажни вести во Централна Европа, Украина и други земји од Источна Европа.