Walkiie – мобилна апликација што цели да им го олесни движењето на лицата со попреченост

Тим на млади иноватори од Центарот за младински активизам Крик ја разработува идејата за мобилната апликација „Walkiie“ наменета за лица со попреченост, но и нивните родители. Идејата е да им го олесни секојдневното движење на овие лица.

„Тешко ми е сам да се снајдам и не можам сам во автобус или низ град. Подобро ми е ако има некој со мене да ми покаже каде треба да одам и повеќе време да поминувам надвор“, вели Лазе Димов, кој е лице со попреченост.

Младите иноватори работат на развој на апликацијата откако победија на младинскиот предизвик „Генерација без граници“, натпреварувајќи се како тимот „Нешто нетипично”.

„За жал, лицата со попреченост многу ретко или воопшто не можат самостојно да излегуваат од своите домови или институциите во кои живеат. Тоа ја попречува нивната социјализација и реализација како личности. Она што го увудив во последните две години работејќи со нив е дека им треба само малку од нашата поддршка и помош Токму затоа сметаме дека оваа апликација ќе биде од помош за двете страни – лицата со попреченост ќе излегуваат почесто, а волонтерите ќе го искористат времето на вистинскиот начин”, вели Елена Божиновска, дел од тимот.

„Она што го научив работејќи со лицата со попреченост е дека лек за интелектуалната попреченост за сега не постои , но постоиме ние и можеме да им бидеме огромна поддршка. Од психолошки гледан аспект, поради одредените ограничувања во когнитивното функционирање и вештини, вклучително и комуникациски, социјални и вештини за самогрижа на лицата со интелектуална попреченост доведува до проблем за извршување на нивните социјални активности кои ние ги согледавме”, додава Ѕвезда Иванова.

За тимор сега е најважно да допрат до родителите и старателите на лицата со попреченост, но и сите оние млади кои би сакале да се пријават како волонтери. Поради ова, во недела (8 март) во 12 часот, на Школка ќе се презентира апликацијата, а заинтересираните ќе може да се пријават како волонтери.

„Доколку сте заинтересирани да се вклучите како волонтер, лице на кому му е потребна поддршка или родител на лице кое му е потребна поддршка, пополнете ја следнава форма .