Вухан се врати во живот, младите на забава без маски и мерки за заштита

Илјадници млади за време на викендот го преплавија водениот парк во централниот кинески град Вухан, „жедни“ за забава, затоа што животот во градот каде минатата година избувна заразата со коронавирусот, полека се враќа во нормала, пренесува српски „Н1“.

Популарниот вухански воден парк беше исполнет со весели млади луѓе кои „танцуваа“ на електронска музика, многу од нив во мали гумени чамци, а некои само пливаа.

фото: АФП

Водениот парк беше повторно отворен во јуни, како дел од постепеното отворање на градот по карантинот и строгите мерки за запирање на вирусот кои траеја 76 дена.

Првите познати случаи на Ковид-19 беа забележани минатата година во Вухан, град со 11 милиони луѓе, по што вирусот се рашири низ светот, а како последица на него починаа над 775 илјади луѓе. Речиси 22 милиони луѓе се заразени.

Во Вухан карантинот беше укинат во април, а од средината на мај досега немаше официјално потврдени случаи на инфекција во провинцијата Хубеи, каде Вухан е главен град.