Вухан официјално воведе забрана за јадење диви животни

Властите во Вухан, епицентарот на пандемијата на коронавирусот, официјално забранија јадење на сите диви животни, објави Гардијан.

Локалната администрација од кинескиот град соопшти дека со ваквата забрана Вухан ќе стане „засолниште на дивиот живот“, каде што е забрането лов на сите диви животни со исклучок при мерки за „научно истражување, регулирање на популација, следење на епидемии и други посебни околности“.

Како дел од забраната, градот воведе строга контрола за одгледување на секакви диви животни, забранувајќи тие да бидат одгледувани за да станат храна. Исто така, Вухан се приклучува кон поголема мрежа каде земјата ќе нуди откуп на фармери што чуваат диви животни.

Вухан е град со 11 милиони луѓе од провинцијата Хубеи во Кина, а ги забележа првите случаи на Ковид-19 кон крајот на минатата година.

Кина е под притисок на глобалната заедница да се справи со својата нелегална трговија со животински свет, откако беше поврзана со појавата на зоолошки заболувања.

Глобалната бројка на починати од коронавирусот е 318.789 луѓе, според вчерашниот извештај на Светската здравствена организација. Заболени се повеќе од 4,7 милиони луѓе.

Мината недела две централни провинции во Кина објавија планови за откуп на фармерите што се занимаваат со диви животни, за да помогнат во транзицијата на оние чија егзистенција зависи таквата потрошувачка. Се дава можност за компензација на фармерите – тие да се префрлат на одгледување овошје, зеленчук, чаеви или билки за традиционална кинеска медицина. Исто така, постои можност да одгледуваат други животни како свињи и кокошки.

На фармерите им е понудена компензација од 630 јуани (84 долари) по цивет-мачки, 75 јуани (11 долари) по килограм за бамбус-стаорци и 120 јуани (17 долари) по килограм за разни змии. Секоја единка на дива гуска или кинески елен ќе вреди повеќе од 2.457 јуани (345 долари).